Драгољуб Јаќимовиќ

Истакнатиот македонски велемајстор (ВМ) и носител на поединечен златен медал од Шаховската олимпијада (ШО) во Истанбул во 2000 година, Драгољуб Јаќимовиќ, одигра симултанка на 20 табли во Пробиштип, притоа победи во 14 партии, четири ремизира, а две загуби. Цел поен успеаја да освојат Зоран Станковиќ и Стојанче Пешевски, а ремизираа Душко Младеновски, Груица Манасиев, Јове Јованов и Владимир Трајанов.

– Симултанката е одиграна по иницијатива на Здружението на пензионерите од Пробиштип, а за да се поттикне активноста на ШК Рудар од Пробиштип, кој во иднина би бил стожер за омасовување, за што поголем број шахисти, а особено деца, што, секако, претставува мошне позитивен пример. Познато е дека Рудар во минатото беше силен клуб во кој членуваа голем број шахисти, меѓу кои и ИМ Димитар Илиевски, ФМ Душко Давчевски и други – вели шаховскиот ветеран од Скопје Илија Стошевски, кој ја прифати оваа идеја на пензионерите од Пробиштип и заедно со ВМ Јаќимовиќ успешно ја спроведе.

Според Стошевски, нема да се застане само на оваа симултанка. Напротив, оваа идеја дури сега ќе добие интензитет.
– Ова барање на ШК Рудар од Пробиштип претставува само појдовна основа, која ќе настојуваме да ја продолжиме со нови симултанки и во други македонски градови за будење од сегашната шаховска летаргија и што поголемо омасовување на древната игра во оние места што се зафатени од неа. Веќе постои интерес за симултанка и во Свети Николе, а во план ни е да ги посетиме и Македонска Каменица, Кратово, Крива Паланка, а се разбира нема да ги одминеме ниту другите делови од Македонија. Верувам дека сето ова ќе биде позитивно реализирано – вели Стошевски.