Вечерва во Скопје, во Купот челинџ одбојкарите на Вардар се среќаваат со чешкиот Чез Карловарско, кој во првиот натпревар дома триумфира со 3-0

Одбојкарите на Вардар вечерва (сала „Кале“, од 19 часот) го играат реванш-натпреварот од втората квалификациска рунда во Купот челинџ на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), против чешкиот прволигаш Чез Карловарско. Во првиот натпревар пред две недели во Карлови Вари Вардар загуби со 0-3, на европското враќање по пауза од дваесетина години.
Во Чешка, Вардар заслужено беше поразен од многу поквалитетниот и поискусен противник. На тој натпревар единствена светла точка кај Вардар беше поранешниот македонски репрезентативец и интернационалец Јовица Симовски, кој го понесе и епитетот играч на мечот, забележувајќи 18 поени.

– Карловарско е подобра екипа од Вардар, во секој поглед, тоа мора да се признае. Имаат искусни играчи со многу одиграни натпревари на европска сцена, а и редовно настапуваат во еврокуповите. Од друга страна, за повеќето млади одбојкари на Вардар ова се први вакви натпревари и тоа има свој удел. Очекувам во реваншот да одиграме многу подобро отколку на првиот меч, очекувам и полна сала, има такви најави. Нереално е да се надеваме на пласман во следната фаза, но посакувам да освоиме најмалку еден сет или два, евентуално и да победиме, но тешко. Како и да е, ова е убаво, корисно искуство за помладите одбојкари. Проектот Вардар се движи во добра насока, клубот добро функционира, во првенството на Македонија добро туркаме (пет победи на пет меча, без загубен сет – н.з.) и верувам дека сезонава ќе се закитиме со некој трофеј во домашна конкуренција – вели Симовски.