Медалите од Токио 2020 личат на груби камења што се исполирани и сега блескаат и ја рефлектираат темата „светлина и брилијантност“. Светлосните обрасци на медалот ја претставуваат енергија на спортистите и на оние што ги поддржуваат. Нивниот дизајн е наменет да ја симболизира различноста, брилијантноста на медалите го означува топлиот сјај на пријателството што ги симболизира луѓето во светот

На Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, кои се во тек, обременети со многу проблеми поврзани со ковид-19 и без гледачи, почна распределбата на медалите. На ЛОИ во Токио ќе бидат поделени околу 5.000 медали. Секој златен, сребрен и бронзен медал ги има истите елементи како и оние од минатите Игри, но секој град-домаќин по традиција ги прави медалите уникатни, така што нема слични медали од две ЛОИ.
Медалите од Токио 2020 личат на груби камења што се исполирани и сега блескаат и ја рефлектираат темата „светлина и брилијантност“. Светлосните обрасци на медалот ја претставуваат енергија на спортистите и на оние што ги поддржуваат. Нивниот дизајн е наменет да ја симболизира различноста, брилијантноста на медалите го означува топлиот сјај на пријателството што ги симболизира луѓето низ светот, држејќи се за раце, пишува ИОК на својата интернет-страница. За медалите, победниците ќе добијат и дрвени кутии, сите со различен дизајн.
Златните медали тежат околу 556 грама, сребрените околу 550, а бронзените околу 450 грама. Медалите ги дизајнира Јуничи Каваниши, директор на Здружението за дизајн на знаци во Јапонија и на Друштвото за дизајн на Осака. Тој победи на конкурсот со над 400 професионални дизајнери и студенти по дизајн. Златните медали не се направени целосно од злато, односно има само шест грама позлата, а остатокот е од чисто сребро. Сребрените медали се изработени од чисто сребро, а бронзените од 95 отсто бакар и од пет отсто цинк.
Сите медали за овие ЛОИ се направени од рециклирани мобилни телефони и од електронски уреди собирани низ Јапонија од април 2017 до март 2019 година. Беа собрани над 78 тони такви уреди за да се извадат 32,2 кг злато, 3.500 кг сребро и 2.200 кг бронза.