Златниот медал го очекував и тој за мене претставува успех, но истовремено и голема мотивација за понатамошните натпревари и успешни резултати што ќе ги постигнувам на татамите, вели Неделковски

АЛЕКСАНДАР НЕДЕЛКОВСКИ, ШАМПИОН НА МАКЕДОНИЈА ВО КАТИ

Александар Неделковски (18), кој веќе шест години е член на карате-клубот Металург од Скопје, на неодамнешното сениорско првенство на Македонија го покажа својот раскошен талент. Како и минатата година, повторно блескаше, а златниот медал во кати стана негова сопственост.
– Златниот медал го очекував и тој за мене претставува успех, но истовремено и голема мотивација за понатамошните натпревари и успешни резултати што ќе ги постигнувам на татамите. За мене секоја титула е посебно значајна, оти за секоја се подготвувам со максимална мотивација и дисциплина – вели Неделковски.
Паузата поради пандемијата на коронавирусот, како и кај повеќето спортисти, остави трага и врз неговата форма.
– Отсуството од татамите поради ковид-19 се почувствува во голема мера, но со враќањето на тренинзите, ќе се надомести тоа. Сепак, и во периодот кога имаше карантин, не престанав со тренинзи, па, така, вежбав дома сам, а кога попуштија мерките и дозволија да се одржуваат тренинзи, продолжив со мојот тренер, прво на отворено, а потоа да тренирам и во сала – објаснува Неделковски, кој веќе шест години е член на КК Металург, клубот што годинава заврши како трет на шампионатот според бројот на медали, а досега изнедрил многу врвни каратисти, освојувачи на медали во и надвор од Македонија.

На Светското првенство (СП) јуниорска конкуренција во Чиле во 2019 година Неделковски за малку не освои медал, беше одличен петти. Во мај ќе биде пред нов предизвик, дебито на Европското првенство (ЕП), во Пореч.
– Ова ми е прво сениорско ЕП, се разбира имам позитивна трема и очекувам добар настап, односно да се покажам во светло издание – вели Неделковски, кој вкупно 12 години е државен првак во кати во кадетска и во јуниорска конкуренција, има бронза (јуниори), сребро (кадети) и злато (пионери) од балканијадите, седмо место на кадетското ЕП во Сочи (2018 година), петто место во Младинската јуниорска лига во Умаг (2019)… До ЕП во Пореч, Неделковски го очекуваат напорни подготовки.
– Засега според планот е да се подготвувам со мојот тренер Мирче Јанушевски и со мојот кондициски тренер Марко Секуловски, а дали ќе има некои заеднички репрезентативни подготовки, не знам. Задоволен сум од работата со моите тренери, ги имам целата нивна поддршка и посветеност и сега работиме на корекции на одредени кати, за да бидат што посовршени. Животна желба ми е каратето повторно да влезе во олимписките спортови, а не само да биде присутно на Летните олимписки игри во Токио и, секако, да освојам олимписки медал. Сметам дека тоа не е само моја желба туку и на секој каратист – вели Неделковски.


Катата е тешка дисциплина – бара перфекција

Неделковски е еден од најталентираните македонски каташи, кој со своите резултати многупати го докажал тоа на наши и на меѓународни турнири. Верувам дека и на ЕП ќе се претстави во светло издание, оти е мошне посветен на секојдневните тренинзи. Катата, за разлика од борбите, каде што можеш да правиш и послободни движења, а значаен е само поенот, е борба со замислен противник, па токму затоа треба да се биде перфектен, односно сето тоа да го доловиш на што подобар начин кај бодовните судии. А, за тоа е потребно многу тренирање, снага, а секое движење на каташот треба да биде правовремено и енергично, вели Мирче Јанушевски, долгогодишниот тренер на КК Металург, клуб што годинава слави 52 години од своето постоење.

[email protected]