ФОРМУЛА 1 – ДВЕ НОВИ ТРКИ

Победникот на првата трка сезонава во Формула 1, возена во Австрија, Валтери Ботас, беше трет на првиот тренинг пред утрешната нова трка во Австрија. На тој тренинг најбрз беше Серхио Перез, пред Макс Ферстапен, Ботас и актуелниот светски првак Луис Хамилтон.

Почетокот на сезоната беше предвиден за март, но беше одложен поради пандемијата на коронавирусот. Првпат ќе се возат во една сезона по две трки на иста патека. По трката во минатата недела, утре е новата трка во Австрија, а на 2 и на 9 август две трки треба да има во Велика Британија, на патеката Силверстоун.
Од вчера, покрај претходно предвидените трки во Унгарија (19 јули), Шпанија (16 август), Белгија (30 август) и во Италија (6 септември), Формула 1 објави дека во календарот за сезонава се предвидени и трките во Муџело (Италија) на 13 септември и во Сочи (Русија) на 27 септември.

Покрај Ботас (25 бода) на првата трка сезонава бодови освоија и Чарлс Леклерк (18 бода), Ландо Норис (16), Хамилтон (12), Карлос Саинс (10), Перез (осум), Пјер Гасли (шест), Естебан Окон (четири), Антонио Џовинаци (два) и Себастијан Фетел (еден).