Владата им препорача на организаторите на спортските настани сите спортски натпревари до 6 март да се играат без публика како една од основните мерки за заштита од ширење на коронавирусот во земјава. Викендов, меѓу другите, на програмата се мечевите Вардар – Монпелје во ракометот, МЗТ Скопје – Работнички и Бадел 1862 – Вардар во кошарката, Вардар – Работнички во фудбалот

По предлог од министерот за здравство Венко Филипче, Владата на Република Македонија им препорача на организаторите на спортските настани сите спортски натпревари до 6 март да се играат без публика како една од основните мерки за заштита од ширење на коронавирусот во земјава. Според препораките на Владата, ракометниот натпревар од 14. коло од Лигата на шампиони меѓу Вардар и Монпелје (17.30 ч., пренос на МТВ) би требало да се игра пред празни трибини во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.

Така, според препораката, без присуство на публика треба да се играат и натпреварите од сите првенствата кај суперлигашите во машка и женска конкуренција, прволигашките натпревари, натпреварите од Купот на Македонија и натпреварувањата во младинските лиги на РФМ. Покрај ракометарите, викендов без публика ќе се играат и натпреварите во фудбалските лиги, кошаркарското и одбојкарското првенство на Македонија и други спортски натпревари, а на програмата беа и неколку дерби-средби, како во кошарката МЗТ Скопје – Работнички и Бадел 1862 – Вардар, во фудбалот Вардар – Работнички итн.

Мерки за забрана и одложување на масовни јавни собири на отворен и затворен простор се воведени во повеќе земји, а од вчера, според информациите, воведе и Швајцарија, како една од главните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Во други делови на светот, пак, на пример во англискиот фудбалски клуб Њукасл забраниле поздравување со раце во спортскиот комплекс, јави „Би-би-си“. Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет, пак, Томас Бах, најави дека Летните олимписки игри ќе се одржат во Токио, според распоредот, пренесе британски „Телеграф“. Европската фудбалска унија неодамна одреди мечот во четвртокот од Лига Европа, Интер – Лудогорец да се одигра без публика. Итн.