Македонија во Токио ќе ја претставуваат борачот Нуров, кој обезбеди олимписка норма, потоа еден атлетичар и двајца пливачи, а уште седуммина спортисти од четири спорта се пријавени во ИОК за настап со покана

Рејчел Стојанов (гимнастика), Ана Марија Георгиевска (таекводно), Пуликсенија Јованоска (карате) и Арбреша Реџепи (џудо) кај жените, односно Емил Павлов (карате), Дејан Георгиевски (таеквондо) и Борјан Бранковски (стрелаштво) кај мажите, се седумтемина македонски спортист(к)и, кои Македонскиот олимписки комитет (МОК), по консултација со националните спортски федерации, ги предложи до Трипартитна комисија на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава во Токио (од 24 јули до 9 август), информираа од МОК.

Дополнително, пред почетокот на ЛОИ, ќе биде познато кој од нив од ИОК ќе добие покана, т.н. вајлд-карта за настап ЛОИ, без обезбедена олимписка норма. Има вкупно 104 места за кои ќе конкурираат спортист(к)ите без норми, во индивидуалните спортови, од целиот свет, според посебни квоти за секој поединечен спорт и од земји што се без позабележителни постигнувања на Игрите, кои немаат или, пак, се со мал број олимпијци со норми.

Македонија во Токио ќе ја претставува борачот Магомедгаџи Нуров (категорија до 97 кг), кој веќе има обезбедено олимписка норма, потоа, еден атлетичар и двајца пливачи (женско и машко), кои со резултатите треба да изборат настап на ЛОИ и некој од седумтемина од листата погоре испратена до ИОК. На минатите ЛОИ во 2016 година во Рио де Жанеиро, Македонија имаше шестмина претставници, четири во женска и двајца во машка конкуренција. Тоа беа Дрита Ислами (атлетика), Катерина Ивановска (џудо), Нина Балабан (стрелаштво), Анастасија Богдановски (пливање), Ристе Пандев (атлетика) и Марко Блажевски (пливање). На досегашните шест учества на ЛОИ, од Атланта во 1996 година па до Рио, Македонија има освоено само еден медал. Со бронза на Игрите во Сиднеј 2000 година се закити борачот Могамед Ибрагимов.