Во машка конкуренција засега се пријавени 38 клуба, со вкупно 79 велемајстори, во женска конкуренција девет клуба, а седум шахистки се со највисоката шаховска титула. Алкалоид и Монте Карло се први фаворити за титулите. Покрај Карлсен, на ЕКК во Струга треба да играат и Гришчук, Мамеѓаров, Андрејкин, Харикришна, Горјачкина, М. Музичук… ЕКК во Струга на програмата е од 17 до 25 септември

Од 17 до 25 септември Струга ќе биде домаќин на 36-от за мажи, односно 25-от за жени Европски клупски куп (ЕКК) во шах (натпреварување како Лигата на шампионите во фудбал), а она што ќе предизвика најголемо внимание, секако, е доаѓањето на актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (рејтинг 2.855, рангиран прв за турнирот), кој ќе ги брани боите на норвешкиот клуб Оферспил (рангиран осми пред ЕКК). Ова е третпат да се одржува Европски клупски куп во Македонија, по Охрид пред 12 години и Скопје во 2015 година.
– Засега сѐ тече според предвидениот план. Списокот на екипите полека се комплетира, можно е кај мажите да има и 40, а кај жените 10 екипи. Овој ЕКК секако дека ќе претставува голем шаховски спектакл, а посебно обележје ќе претставува доаѓањето во Македонија и играњето во Струга на актуелниот светски шаховски првак Магнус Карлсен, едно од најголемите шаховски имиња на денешницата – ни изјави членот на Управниот одбор на Шаховската федерација на Македонија, Зоран Стојчевски.
На десет дена пред почетокот на ЕКК, во машка конкуренција се пријавени 38 клуба, со 238 шахисти, од нив 79 велемајстори (ВМ), а во женска конкуренција девет клуба со 30 шахистки (седум ВМ).

Од македонските клубови на ЕКК ќе настапат Алкалоид, Прилеп, Гостивар и младиот состав на Гамбит Асеко СЕЕ во машка конкуренција, како и Алкалоид (рангиран четврти), МШК Центар (рангиран петти) и Куманово во женска конкуренција.
Прв фаворит за титулата кај шахистите, поточно на отворениот турнир (се игра на шест табли по натпревар со најмногу две резерви), е Алкалоид, кој е рангиран прв (просечен рејтинг 2.713 поени на првите шест табли), предводен од Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров (2.762, поединечно рангиран трет пред ЕКК). Нови имиња од составот што настапи во 2019 година се светскиот првак во брз шах од 2018 година, Русинот Данил Дубов и Германецот Александар Предке. Алкалоид во 2016 година на ЕКК во Нови САД (Србија) стана европски шампион. Главни конкуренти во трката за шампионскиот пехар ќе бидат Медни Всадник (просечен рејтинг 2.694) од Русија, предводен од Петер Свидлер (2.701), потоа Нови Бор (2.677) од Чешка со Индиецот Пентала Харикришна (2.725), КПРФ (2.655) од Русија со Александар Гришчук (2.775), трикратен светски првак во брз шах (во 2006, 2012 и во 2015 година)…

Кај дамите (се игра на по четири табли, со најмногу две резерви), најголем фаворит е Монте Карло (просечен рејтинг 2.513), каде што игра светската вицепрвенка, ВМ Александра Горјачкина (2.608), која во 2015 година на ЕКК во Скопје, со екипата на Гамбит Асеко СЕЕ го освои сребрениот медал, што е и најголем успех досега на македонскиот женски клупски шах. Во Струга за екипата на украински ГРЕКО ќе игра и поранешната светска првенка (2015 година), Украинката Марија Музичук.
Новите клупски шампиони ќе бидат познати по одигрувањето седум кола според т.н. швајцарски систем. Шампиони од ЕКК 2019 во Улцињ (Црна Гора), Обиетиво Падова од Италија (мажи) и Нона од Грузија (жени) нема да настапат во Струга.

СОСТАВИ НА ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ЕКИПИ

АЛКАЛОИД: ВМ Шахријар Мамеѓаров (Азербејџан, рејтинг 2.762,), ВМ Дмитри Андрејкин (Русија, 2.728,), ВМ Данил Дубов (Русија, 2.714), ВМ Сам Шанкланд (САД, 2.720), ВМ Јури Криворучко (Украина, 2.689), ВМ Александар Предке (Германија, 2.662), ВМ Ернесто Инаркиев (Русија, 2.663), ИМ Филип Панчевски (2.496).
ГАМБИТ АСЕКО СЕЕ: ВМ Владислав Неведничи (Романија, 2.498), ИМ Никола Николовски (2.409), ФМ Емил Ристески (2.320), ИМ Богдан Подлесник (Црна Гора, 2.327), Андреј Велјаноски (2.210), АФМ Антон Златков (2.132), ФМ Љубиша Андоновски (2.252), Ивана Манова (1.779).
АЛКАЛОИД, ЖЕНИ: ИМ Полина Шувалова (Русија, 2.510), ИМ Екатерина Аталик (Турција, 2.429), ИМ Ирина Булмага (Романија 2.407), ЖФМ Моника Стојковска (2.081), ЖИМ Габриела Коскоска (2.003).
МШК ЦЕНТАР, ЖЕНИ: ИМ Нурѓул Сaлимова (Бугарија, 2.362,), ЖВМ Јована Рапорт (Србија, 2.280), ЖВМ Викторија Радева (Бугарија, 2.350), ФМ Белослава Крастева (Бугарија, 2.217), ЖФМ Мехмед Елиф (Бугарија 2.260).

[email protected]