Симона Халеп

Ден по освојувањето на турнирот во Прага, моментно втората светска тенисерка, Романката Симона Халеп и официјално соопшти дека нема да биде дел од годинешниот САД опен, кој ќе се игра во Њујорк од 31 август до 13 септември. Со оваа одлука Халеп стана шестата тенисерка од водечките десет на ВТА-листата, која ќе го пропушти престижниот турнир во Њујорк.

– По разгледувањето на сите фактори и неизвесности во кои живееме сега, одлучив да не патувам за Њујорк. Секогаш здравјето ми било приоритет и затоа ќе останам и ќе тренирам во Европа. Им посакувам успешна организација на Американската тениска асоцијација (УСТА) и Женската тениска асоцијација (ВТА), кои неуморно работеа на организација на овој турнир – напиша Халеп на својот твитер-профил.

Претходно исти одлука донесоа најдобрата светска тенисерка Австралијката Ешли Барти, како и Украинката Елина Свитолина (петта на ВТА-листста), Канаѓанката Бјанка Андреску (шеста), Холанѓанката Кики Бертенс (седма) и Швајцарката Белинда Бенчич (осма).

Четирите тенисерки од водечките 10 на ВТА-листата, кои пак, го потврдија своето учество на гранслемот во Њујорк, се Чехинката Каролина Плишкова (трета на ВТА), Американките Софија Кенин (четврта) и Серена Вилијамс (деветта) и Јапонката Наоми Осака (десетта). Та.Д.