За да не се направи метеж и совпаѓање на термините на двата големи тениски турнира САД опен и Ролан Гарос, организаторите одлучија да најдат заедничко решение, пишува порталот „Кикер“, кој вели дека Французите се подготвени за соработка и координација со Американската тениска федерација (УСТА) за договарањето на датумите.

Кога организаторите на францускиот опен во март одлучија да го одложат својот турнир до есен, тогаш организаторите на САД опен побараа барем една недела растојание помеѓу двата турнира. Во меѓувреме, француската тениска асоцијација се извини што мислеле само на себе, но сепак сакаат да го задржат новиот датум (20 септември – 4 октомври). Директорот на францускиот турнир, Форгет, за францускотo радио Европа 1, изјави дека тие сакаат да работат заедно со другите тениски организации. За да не се загрози САД опен, Форгет и неговиот тим размислуваат за одложување на турнирот уште за една недела.

– Поради пандемијата на коронавирусот, во моментов е тешко да се направат прецизни предвидувања. Њујорк е позасегнат од коронавирусот отколку Франција. Тие исто така имаат многу проблеми со организацијата и својата одлука сакаат да ја објават во средината на јуни. Ние, пак, ќе се приспособиме на она што ќе го прецизира нашата влада. Мораме да бидеме амбициозни и оптимисти – вели Форгет.
Во Франција до крајот на август се забранети собири со над 5.000 гледачи.