Можеби водородот е решението што може да го има Формула 1, со што ќе ја одржуваме бучавата, ќе ја задржуваме емоцијата, но и ќе поминеме на поинакво решение, изјави директорот на Ф1 за мотоспорт, Рос Браун, за „Би-би-си“

Автомобилите на водороден погон би можеле да бидат иднината на Формула 1, според директорот на Ф1 за мотоспорт Рос Браун. Тој вели дека одржливоста сега е централна цел на спортот, кој се обврза да стане неутрален во јаглерод до 2030 година, пишува „Би-би-си“. Инженерот што стои зад седумте светски титули на Михаел Шумахер исклучи префрлување на целосно електрични возила.
– Можеби водородот е решението што може да го има Формула 1, со што ќе ја одржуваме бучавата, ќе ја задржуваме емоцијата, но и ќе поминеме на поинакво решение – изјави Браун за „Би-би-си“.
Доаѓачката ѕвезда на Ф1, Ландо Норис, исто така е скептичен во врска со воведувањето на целосно електрични автомобили во Формула 1.
– Вие едноставно не го добивате истиот звук од електричните автомобили. Нешто што го сакам во Формула 1 и во тркачките автомобили што ги возиме се звукот и чувството што ги добивате од нив. Тоа е она што го прави толку посебен и зошто обожавателите го сакаат – вели тој, пренесува „Би-би-си“.
Формула 1 има една од најамбициозните програми за одржливост на кој било поголем спорт и во 2019 година го објави својот план да достигне нула емисија до 2030 година. Но Ф1 е критикувана од еколозите затоа што многу од нејзините напори зависат од неутрализирање активности што ги намалуваат емисиите на други места во споредба со стакленички гасови што ги произведува спортот. Браун признава дека како најпрестижен мотоспорт-турнир во светот, Ф1 може да игра важна улога во обликувањето на ставовите на гледачите кон одржливоста и климатските промени.

Но тој вели дека Ф1 не планира да се оддалечи од хибридните мотори, кои комбинираат внатрешно согорување и електрични мотори за време на оваа фаза од еволуцијата на спортот.
– Мора да ги ангажирате гледачите и причината што тие доаѓаат е тоа што сакаат да видат одлични автомобили, одлични возачи што водат битка – рече Браун.
Многу земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, поставија рокови во следните две децении за постепено укинување на продажбата на бензински и дизел-возила, но Формула 1 не презема таква обврска.
– Имаме трка од еден и пол час, имаме 1.000 коњски сили, ние сме врв на мотоспортот. Не можете да го добиете тој тресок без фосилни горива – рече Браун.
Тој посочува дека високотехнолошките турбохибридни енергетски единици што се користат за автомобилите во Формула 1 од 2014 година се едни од најефикасните дизајнирани досега во однос на процентот на енергија на горивото што се претвора во моќност, мерка позната како термичка ефикасност. Ф1-моторите имаат рејтинг на топлинска ефикасност од околу 50 отсто, а бензинските мотори на возилата генерално се околу 30 проценти, пишува „Би-би-си“. Во моментот, фокусот на спортот ќе биде насочен кон развој на синтетички горива што користат јаглерод зафатен од воздухот, земјоделски отпад или од биомаса. Правилата во Формула 1 веќе бараат бензинот што се користи во Ф1 да содржи најмалку 10 отсто биогориво и тој процент веројатно ќе се зголеми. Но екологистите велат дека бидејќи синтетичките горива и биогоривата уште произведуваат јаглерод диоксид, тие продолжуваат да предизвикуваат глобално затоплување и затоа не можат да бидат долгорочно решение. Заменувањето на горивата базирани на јаглерод ќе биде огромен предизвик за Формула 1, рече Браун. Тој вели дека спортот секогаш ќе биде со брзина и со забрзување во 90-те минути трка и мисли дека со децении електричните возила нема да бидат во можност да ги дадат перформансите што ги бараат.

– Не сакаме (возачите) да гледаат како да заштедат енергија и да се обидат да направат батеријата да трае доволно долго за да стигнат на целта или да ја штедат батеријата за во последните пет круга навистина да се тркаат. Се чини дека тоа не ги привлекува гледачите – вели Браун, кој вели дека „денес нема електрично решение“.
Сепак, тој вели дека Ф1 се соочува со растечки притисок да го крене нивото на одржливост од возачите, тимовите, производителите и од гледачите. Зак Браун, извршен директор на Мекларен, потврди дека „има многу разговори што се водат сега во Ф1“ за одржливоста, но, како и Рос Браун, верува дека болидите способни за брзина од 220 км/ч или повеќе се суштински дел од спортот.
– Отсекогаш сме биле лидери во технологијата, без оглед дали тоа било во безбедноста што излезе од Формула 1 или материјали од јаглеродни влакна, како и тоа сега како ќе ги направиме нашите мотори најодржливи возила – изјави тој за „Би-би-си“.
Зак Браун вели дека има голем интерес за потенцијалот на водород кај тимовите во Формула 1.
– Предизвикот што го имаме е да се осигуриме дека е безбеден и дека може да произведе количество енергија што е потребна за да можеме да ги направиме времињата што ги правиме, а водородот е многу во игра – вели тој.
Двајцата велат дека сакаат да ја искористат докажаната способност на Формула 1 да има врвни иновации за да обезбеди одржливи решенија за овој спорт.