Во сенка на саботната трагедија што се случи на патеката во Кичево, помина третиот натпревар од шампионатот во брзински автомобилизам на кружни патеки, што денес се одржа на истата локација на Кичевскиот автодром. На трките во Кичево најдобри остварувања имаа натпреварувачите од АКК Перформанс и АКК Кастом кар.

Покрај домашните возачи, во класа Е1-2000 се појави и натпреварувачот од Бугарија Косју Јорданов од клубот Грин фокс, кој во оваа класа го освои второто место.

Уште еднаш во најмасовната класа до 1150 сантиметри кубни, Ристо Вуков од АКК Перформанс ги потврди своите високи квалитети и супериорно го освои првото место со вкупно остварено време 25.58,196.

На второто место заврши членот на АКК Кастом Кар Михајло Лазарески, а како трет низ целта мина клупскиот колега на Вуков, Димитри Џуклески.

Во класа на автомобили до 1400 сантиметри кубни, го бележиме единствениот пласман на Михаил Делев од Кастом Кар.

Во класа на автомобили до 1600 сантиметри кубни, првото место му припадна на Орхан Ахмед од АКК Кастом Кар, како втор низ целта мина Филип Џуклески АМСК Крагујевац, а како трет заврши Златко Трајановски од АКК Скопје.

Во класа на возила до 2000 кубни сантиметри, првото место го освои Димитри Кимовски од АКК Перформанс, кој воедно го извозе и најбрзиот круг со време од 1.07,713. Второто место за Бугаринот Косју Јорданов, додека третото место му припадна на Даниел Блажевски од АКК ПСС.

Во класа на возила над 2 000 сантиметри кубни, единствениот пласман го бележиме на Екрем Мемиши од АКК Кастом Кар, кој оствари вкупно време од 25.05,790.

Технички организатор на третиот натпревар беше АКК Кастом Кар Рејсинг од Скопје, кој ова лето по вторпат организира брзински натпревар на автодромот во Кичево. Преостанатите два натпревари ќе се одржат на еден од скопските булевари, а ќе го носат името на штотуку починатиот возач Александар Кочевски од Твинго Купот.