Драгана Николовска

Македонската машка шаховска репрезентација го забележа и второто реми, додека женската репрезентација на Македонија го претрпе и четвртиот пораз на 23. Европско екипно првенство (ЕП), кое во девет кола се одржува во Терме Чатеж (Словенија). Машката репрезентација (рангирана 33-та пред почетокот), одигра 2-2 со Ирска (рангиран 38-ма). Против послабо рангираниот противник сите четири партии завршија со поделба на поенот. Засега Никола Николовски (од пет партии) и Тони Лазов (од четири партии), се најуспешни во репрезентацијата со по два освоени бода.

Женската репрезентација на Македонија (рангирана 31-ва), минимално со 1,5-2,5 загуби од повисокорангираната Турција. Половина поен освои Сања Трајковска на третата табла, додека Ивана Манова цел поен на четвртата табла и засега е најуспешна во репрезентацијата со три освоени бода од пет партии.

По шест одиграни кола македонските шахисти со три порази, две ремија и едно слободно коло или со три бода (девет поени по табли), моментно се на 36-то место во конкуренција на 39 селекции, додека шахистките се на 29-то место со една победа и четири порази, додека во 1-то коло беа слободни, и имаат вкупно три бода (8 поени по табли), меѓу 31-на селекција. Во утрешното 7-то коло, шахистите играат со Шкотска (рангирана 37-ма), а шахистките со Норвешка (рангирана 27-ма).

На три кола до крајот на табелата водат селекциите на Русија. Мажите со 10 бода, еден повеќе од Азербејџан, Украина, Шпанија, Ерменија и Холандија, додека жените со 12 бода, два повеќе од второпласираната Грузија. На ЕП 2021 се пријавени 39 репрезентации со 193 шахисти (127 ВМ, 37 ИМ), а кај шахистките 31 држава со 154 шахистки (11 ВМ, 23 ЖВМ).

 

МАКЕДОНИЈА – ИРСКА 2-2

ИМ Филип Панчевски (2.490) – ФМ Тарун Канјамарала (2.321) реми

ИМ Никола Николовски (2.401) – ФМ Степен Јесел (2.397) реми

ИМ Тони Лазов (2.393) – Залан Немет (2.163) реми

ФМ Емил Ристески (2.315) – ЖИМ Триша Канјамарала (2.089) реми

ТУРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА 2,5-1,5

ИМ Екатерина Аталик (2.430) – ЖФМ Моника Стојковска (2.066) 1-0

ЖИМ Сила Чаглар (2.250) – Бојана Бејатовиќ (2.031) 1-0

ЖФМ Наз Бусе Косјигит (2.034) – Сања Трајковска (1.960) реми

ФМ Ајдин Гуленај (2.114) – Ивана Манова (1.809) 0-1

Г.И.