ШАХ

Клубовите ќе бидат поделени во две групи, натпреварите ќе се играат на по шест табли, а можен е настап и на странски шахисти. Во Првата лига ќе се пласираат најдобрите три клуба

Рекордни 12 македонски клуба се пријавени во квалификациите за пласман во Првата шаховска лига, кои е планирано да се одржат во Охрид, од 24 до 27 јули. Место во елитното друштво ќе има за најдобрите три клуба. Натпреварите ќе се играат на по шест табли, а можен е настап и на странски шахисти.

– Клубовите ќе бидат поделени во две групи, а двата најдобри од двете групи потоа ќе продолжат понатаму. Новина е тоа што клубовите ќе платат само 50 отсто од трошоците за престој во хотелот, а преостанатото ќе го намири Шаховската федерација на Македонија, што е мошне поволно за клубовите, за што и тие изразија задоволство во нашите контакти – вели претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Благоја Богоевски.

Сепак, ако не се подобри актуелната ситуација со коронавирусот, тогаш овој шаховски настан останува под знак прашалник. Како и да е, не е предвидено квалификациите да се играат преку интернет.

– Постои можност да се одложат квалификациите ако не се подобри ситуацијата, а тоа ќе подразбира нов датум како за него, така и за преостанатите првенства, но за тоа ќе размислуваме потоа. Мој предлог до ШФМ беше квалификациите да се преместат од јуни во јули, Првата лига од јули во август, од 24-ти до 30-ти, а Младинското поединечно првенство да биде во од 18 до 24 јули, оти календарот на турнири претходно веќе беше објавен. Се надевам дека поради актуелната ситуација со коронавирусот ќе бидат прифатени новите термини од ШФМ – вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски.