Фудбалерите и кошаркарите на Реал Мадрид играле во 34 европски финалиња, во кои освоиле вкупно 23 титули (13 во фудбал, 10 во кошарка). Со девет титули европски првак, од 14 финалиња, ракометрите на Барселона ја комплетираат групата европски прваци-рекордери во трите најголеми екипни спорта што и сезонава се во трка за нови трофеи

Шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона, кои се рекордери според бројот на освоени европски титули во трите најголеми екипни спортови, фудбал, кошарка и ракомет, и сезонава го потврдија својот квалитет, обезбедувајќи место во завршниците на трите најсилни европски лиги, Лигата на шампионите на Европската фудбалска унија (УЕФА), Лигата на шампионите на Европската ракометна федерација (ЕХФ) и кошаркарската Евролига.
Двата тима на Реал Мадрид, кои се рекордери според бројот на титули во два спорта, фудбал и кошарка, и сезонава се во трка да ја зголемат својата трофејна колекција. Кошаркарите на Реал Мадрид со утрешниот четвртфинален плејоф-дуел со Ефес ќе ја почнат трката за 11-та титула европски првак. Фудбалерите на Реал на патот кон 14-от шампионски трофеј ќе играат со Челси, од идниот вторник, во полуфиналето.
Кошаркарите и фудбалерите на Реал Мадрид зад себе имаат 34 шампионски финалиња, во кои освоиле вкупно 23 титули. Првата титула европски првак кошаркарите на Реал Мадрид ја освоиле во сезоната 1963/64, а 10-та во 2017/18. Фудбалерите, пак, првиот пехар за европски првак го кренале во 1956 година, а рекордниот 13-ти во 2018 година.

Со девет титули европски првак, од 14 одиграни финалиња, ракометарите на Барселона ја комплетираат групата европски прваци-рекордери во трите најголеми екипни спорта во Европа. Барселона ја игра својата најефикасна сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), во која со просек од 36,3 гола по меч, без загубен натпревар ја помина групната фаза, а супериорна беше и во осминафиналето, елиминирајќи го Елверум со вкупен резултат 76-44. На патот кон десетата титула во ЛШ, Барселона ќе игра со белорускиот првак Мешков, во четврт-финалето од 12 до 20 мај. Првата титула европски првак шпанскиот гигант ја освои во сезоната 1990/91, а деветтата во сезоната 2014/2015.