Победниците на ЛШ ќе се вратат дома со чек вреден 500.000 евра, што, исто така, е рекорд во натпреварувањето. Второпласираните ќе добијат по 250.000 евра, а поразените во полуфиналето по 125.000 евра. Вкупниот награден фонд е 4,8 милиони евра, објави ЦЕВ

ОДБОЈКА – ЦЕВ

Вкупната парична награда за годинашното издание на Лигата на шампионите (ЛШ) за мажи и за жени достигна рекордни 4,8 милиони евра, објави Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на својата интернет-страница. Управниот одбор на ЦЕВ се согласи на голема инвестиција во уште еден обид да се поддржат клубовите и да се наградат нивните напори за време на пандемијата на коронавирусот, пишува ЦЕВ.
Победниците на ЛШ во двете конкуренции ќе се вратат дома со чек вреден 500.000 евра, што, исто така, е рекорд во натпреварувањето. Второпласираните тимови ќе добијат по 250.000 евра, а поразените во полуфиналето по 125.000 евра.

– Овие суми, како и вкупната парична награда, се доказ за постојаните напори на ЦЕВ да ги ублажи ефектите на пандемијата, а тие ја одразуваат визијата спроведена од раководството на организацијата околу претседателот на ЦЕВ, Александар Боричиќ, според која парите се враќаат на спортот, бидејќи тоа е најдобриот начин да се осигури дека тој продолжува да расте и сите засегнати страни да можат да се справат со многуте предизвици што претстојат – пишува ЦЕВ на својата интернет-страница.
Сезонава ЛШ почна кон крајот на септември 2020 година со првите кола, групната фаза почна кон крајот на ноември и ќе продолжи до средината на февруари со серија турнири во т.н „меури“ за да се минимизираат меѓународните патувања и да се обезбеди безбедна средина за сите вклучени.

ЦЕВ го почна наддавањето за организација на суперфиналето на ЛШ за мажи и за жени за годинава, кое треба да се одржи на 1 мај и да претставува кулминација на натпреварувачката сезона.
ЦЕВ во 2019 година го воведе овој револуционерен формат, со првите два тима во машка и во женска конкуренција да играат на ист ден и на исто место за титулите (тоа суперфинале се играше во Берлин).