Поранешниот ас во Формула 1, Ален Прост тврди дека во „Рено“ „не се несреќни“ поради раскинувањето на партнерството со „Ред Бул“.

Француската компанија ја раскина соработката со австрискиот тим како снабдувач на мотори, откако односите им станаа крајно затегнати во последните месеци. „Ред Бул“ реши да премине на мотори на „Хонда“ во 2019 година и дури го обвини „Рено“ дека заради нив останале надвор од битката за титулата оваа година.

Соработката меѓу „Ред Бул“ и „Рено“ започна во 2007 година, а најдобрите моменти дојдоа во 2010-та, кога тимот на енергетскиот пијалок ја освои својата прва титула и кај натпреварувачите и кај конструкторите. Доминацијата на тимот траеше до 2013-та, а од 2014 започна хибридната ера, во која лидер е „Мерцедес“.

Прост, кој сега е советник на тимот на „Рено“, гледа со нетрпение кон 2019-та, кога очекува поголемо спокојство, како и добри перформанси од новото засилување Даниел Рикардо.

– Да ви кажам искрено, ние не сме несреќни дека си заминуваат. Јас одржувам многу добри односи со нив, иако не го одобрувам нивниот начин на комуникација. Се уште минуваат некои граници и тие си го знаат тоа – изјави Прост.