Дел од македонските проблемисти (од лево): Зоран Гавриловски, Бошко Милошески, Александар Поповски, Тоде Илиевски, Глигор Денковски (починат), Златко Михајлоски и Георги Хаџи-Васков

Гавриловски, Милошески и Михајлоски се единствените македонски шаховски проблемисти што победиле на турнири во пет или повеќе различни проблемски категории

Македонските шаховски композитори во континуитет остваруваат значајни успеси на меѓународно ниво изминатите години. Така, велемајсторот (ВМ) за шаховски композиции Зоран Гавриловски е актуелен светски вицешампион во групата самоматови за периодот 2016-2018 и најуспешен поединец (МВП), меѓу 257-те учесници на 9-то Светско екипно првенство (СП) 2012-2013, а македонската селекција го подели 5-6-то место, додека на 10-то СП (2016-2017) Гаврилоски повторно беше МВП, а Македонија беше 10-та.
Според бројот на поени во ФИДЕ-албумите (официјална светска антологија на најдобри шаховски композиции, во која еден избран проблем му носи еден поен на авторот, а една студија се бодува со 1,67 поен н.з.) од 1914 до 2018 година, ВМ Живко Јаневски е четврти со 265,5 поени, Гавриловски има 112,5 поени, меѓународниот мајстор Златко Михајлоски има 32,5 поени, а ФИДЕ-мајсторите Бошко Милошески и Никола Столев имаат 13, односно 19,5 поени.

Тројца македонски шаховски композитори неодамна добија меѓународно признание со вклучување во Именикот на универзални композитори, што се ажурира на руската интернет-страница „Суперпроблем“. Досега во именикот се евидентирани 34 шаховски композитори што победиле на турнири во пет или повеќе различни проблемски категории, почнувајќи од Вилијам Шинкман од САД (кој го остварил овој подвиг во 1881 година), Леонид Кубел од СССР (1933), Британците Томас Досон (1934) и Џералд Андерсон (1949), ВМ Бо Линдгрен од Шведска (1950), хрватскиот ВМ Ненад Петровиќ (1954) и уште 15 други починати композитори.
Од активните композитори, првиот „петобоец“ е српскиот ВМ Миодраг Младеновиќ (1989), Гавриловски е 26-ти композитор (6-ти од активните), со победи во пет проблемски категории (1997 година), а победа во шеста категорија оствари во 2013 година. Милошески е 28. (2001) и има победи во седум категории, а Михајлоски е 34-ти со победи во пет категории проблеми (2019). Досега не е евидентирано дека некој победил во сите осум категории.

– Македонските шаховски проблемисти со остварените успеси успешно ги афирмираат македонскиот спорт и земјата во целина. Сепак, тие не се адекватно ценети и наградени, а проблемскиот шах не е признаен како спортска дисциплина во Законот за спорт, за разлика од Русија и други земји од поранешниот СССР, каде што „шаховската поезија“ добива третман адекватен на остварените успеси – вели ВМ во проблемски шах, Зоран Гавриловски.