Јапонските организатори ѝ ги претставија на јавноста 20-те официјални постери за Летните олимписки (ЛОИ) и Параолимписки игри (ПОИ) во Токио годинава. Деветнаесет уметници од Јапонија и од странство ги создадоа делата што се изложени во јапонската престолнина, Токио, во Музејот на современата уметност, до 16 февруари.

Тие дела, исто така, ќе бидат прикажани и низ градот за промовирање на Летните олимписки и Параолимписки игри во Токио. Постојат 12 постери за ЛОИ и осум за ПОИ, но со сите 20 продолжува долгата традиција на уметничко рекламирање на Игрите.

Постерите вторпат ќе ги обележат олимписките игри во главниот град на Јапонија, по 1964 година, кога Игрите, исто така, се одржаа во Токио. „Изгрејсонцето и олимпискиот амблем“ беше првиот официјален постер во 1964 година.
На него беше сонцето од јапонското национално знаме поставено над петте олимписки круга и зборовите „Токио 1964“, напишани со златни букви. Тој постер беше отпечатен во 100.000 примероци.