Голем број спортисти и спонзори ѝ дадоа поддршка на американската тенисерка Наоми Осака, откако таа се откажа од понатамошниот настап на гранслем-турнирот Ролан Гарос во Париз поради здравствени причини, еден ден по непојавувањето на задолжителната прес-конференција. Наместо да наиде на разбирање од организаторите на Ролан Гарос, тие ѝ се заканија дека ќе ја суспендираат од турнирот, а таа доби и казна од 15.000 долари.

Случајот на Осака привлече внимание кон проблемите со психичкото здравје со кои се соочуваат голем број на луѓе, меѓу кои и спортските ѕвезди, отворајќи го прашањето како треба да се постапи кога работните обврски претставуваат ризик за психичкото здравје. Покрај поддршката, славните спортисти кои проговорија за слични проблеми, се соочија и со осуда од дел од јавноста.

Претходно за проблемите со психичкото здравје зборуваа и НБА-ѕвездите Кевин Лав (во 2018 година) и Кајри Ирвинг (во текот на сезонава). Реакциите на јавноста беа поделени, со што дел од медиумите ги критикуваа скапо платените спортисти, барајќи од нив да се вратат на теренот, прашувајќи се зошто не играат, наспроти поголемиот дел кои им упатија поддршка. И Осака се соочи со негативни реакции. Американскиот спортски блог ја критикуваше Осака и упати поддршка за спортските новинари, пишувајќи „нејзиниот бојкот на медиумите на Ролан Гарос создава заблуда“. Уште поостар беше британскиот водител Пирс Морган кој во колумна за „Дејли мејл“ напиша дека повлекувањето на Осака е „срамен обид за да се избегне осудата на медиумите преку користење на психичкото здравје за оправдување на бојкотот“.

Осака, која е победничка на Австралија опен и на САД опен, како и поранешна најдобра тенисерка во светот, на својот профил на Твитер објави дека решила да го напушти турнирот во Париз поради нејзиното нарушено ментално здравје, односно социјалната анксиозност и вознемиреност кои ги чувствувала.

Осака на Твитер ја опиша нејзината борба со ментално здравје од нејзината прва победа на грен слем турнирите, односно победата над Серена Вилијамс на САД опен во 2018 година. По нејзиното повлекување, Осака, чии родители се од Јапонија и од Хаити, доби и голем број пораки на поддршка и разбирање од спортистите и тенисерите ширум светот.

– Првото нешто што треба да се разгледа е здравјето на Осака. Ѝ посакувам што побрзо закрепнување – напиша Тошихиса Цучихаши, извршниот директор на Јапонската тениска асоцијација.

Компанијата „Најк“ ја поздрави храброста на Осака, додека јапонскиот производител на автомобили „Нисан“ објави дека стои во солидарност со тенисерката која е заштитно лице на неговиот бренд.

– Нејзината одлука нè потсетува колку е важно да се даде приоритет на личното здравје и благосостојба – напишаа од „Мастеркард“.

Реакциите кај колегите на Осака беа различни, од изненадување до неверување и збунетост. Сепак, голем број тенисери на Осака ѝ упатија пораки со поддршка и солидарност.

Освојувачката на 23 гранслем-трофеи Серена Вилијамс, изрази симпатии кон Осака, велејќи дека посакува да може да ја прегрне. Поранешната шампионка на САД опен, Слоун Стивенс, смета дека треба да ѝ аплаудираат на Осака за храброста отворено да проговори за нејзиното ментално здравје.

– Треба да ја поддржиме и да ѝ аплаудираме за храброста, бидејќи голем број луѓе не би го направиле тоа. Голем број спортисти се натпреваруваат додека се во депресија или се соочуваат со различни проблеми, и не се во можност јавно да проговорат за нивната состојба. Треба да ѝ дозволиме да го одвои времето што ѝ е потребно за да работи на себе и да се подобри – изјави Стивенс вчера на Ролан Гарос.

Во Јапонија, пак, сметаат дека тенисерката го открила невидливиот психолошки белег што натпреварувањето на највисоко светско ниво може да го предизвика кај спортистите. Останува да се види дали случајот на Осака ќе донесе повеќе разбирање од љубителите на спортот и медиумите за проблемите со здравјето со кои се соочуваат врвните спортисти.