Со јутјуб-каналот, МКФ им укажува физички и визуелно на сите спортисти, а особено на најмладите, како да го поминат времето, како да се извлечат од психозата што е присутна кај сите и да се мотивираат во овие тешки моменти кога нема натпревари и организирани тренинзи. Имаме идеја да организираме и онлајн натпревари во кати, тренерски семинари, а ако наскоро се создадат услови, да организираме и викенд-подготовки на репрезентативците, вели претседателот на КФМ, Горан Милковски

Глобалната криза и откажувањето речиси на сите спортски натпреварувања низ светот предизвикани од ковид-19 не го одминаа ни каратето, но и покрај актуелната ситуација, се настојува тоа да не трпи големи последици, а каратистите да ја задржат формата до следното прво натпреварување.
– Контактирам телефонски со сите репрезентативци. Во ова време на пандемија на коронавирусот, се обидувам да поделам понекој совет, кога веќе не можеме заеднички да тренираме. Сметам дека и покрај сегашната непријатната атмосфера и отсуството на натпревари, репрезентативците Берат Јакупи, Жарко Арсовски, Петар Спасеновски, Симона и Петар Заборски, Сара Радичевска и другите, а предводени од најдобриот македонски каратист Емил Павлов, добро го поднесуваат тоа, односно не влијае негативно врз нивната натпреварувачка психологија, што е многу значајно за еден спортист по долга пауза. Засега сите вредно тренираат и очекуваат, како и јас, што поскоро да се вратат на татамите – вели селекторот во борби Сашко Арсовски.
Заради полесно надминување на актуелната ситуација, Карате-федерацијата на Македонија (КФМ) е во постојана комуникација со Светската карате-федерација (ВКФ), но и со другите нејзини членки.

– За жал, како што стојат работите, до крајот на годинава тешко дека ќе се одржат натпреварувања, а поради коронавирусот „виси“ одржувањето и на тие што се закажани. Во таа насока беше и видеоконференцијата на претседателот на ВКФ, Антонио Еспинос, со претседателите на 24 карате-федерации од целиот свет. Беше донесен заклучок дека додека не се пронајде соодветна вакцина против ковид-19, приоритет ќе бидат здравјето на спортистите и афирмацијата на каратето како здрав спорт, неопходен за одржување на рамнотежата на духот и телото. А тоа пред сѐ е изводливо преку социјалните мрежи и интернет-страницата на ВКФ, но и на националните федерации, со акцент на што поголема застапеност на спортистите и нивните активности, кои во услови на изолација им даваат пример на сите спортисти, особено на најмладите – вели претседателот на КФМ, Горан Милковски.
МКФ го презентира и сопствениот јутјуб-канал.

– Со јутјуб-каналот, МКФ им укажува физички и визуелно на сите спортисти, а особено на најмладите, како да го поминат времето, како да се извлечат од психозата што е присутна кај сите и да се мотивираат во овие тешки моменти кога нема натпревари и организирани тренинзи. Во видеата најдобрите македонски каратисти презентираат дел од своите вештини во услови на изолација, спроведуваат модифицирани тренинзи дома, во дворовите, во затворен или отворен простор, секој според можностите, а во согласност со препораките на надлежните институции. Имаме идеја да организираме и онлајн натпревари во кати. Секој ќе направи своја снимка, која ќе биде испратена до судиите, кои ќе ги оценуваат тие вежби. Ова ќе биде одличен тренинг и за македонските судии, бидејќи сега оценувањето е со бодови, а не со знаменца, како порано. КФМ летово планира да одржи и тренерски семинари. Ако се создадат услови наскоро, можно е да организираме и викенд-подготовки на репрезентативците – вели Милковски.

[email protected]