Од името на ЏФМ, плакетата и црниот појас со посвета ги предадоа претседателот Владимир Трпаноски и потпретседателот Горан Антевски. Амбасадорката изрази голема благодарност за признанието и се заложи во иднина, како почесна членка на џудото во Македонија, да продолжи со активностите за соработка помеѓу џудистите од Македонија и од Јапонија

Во јапонската амбасада во Скопје се одржа пригодна церемонија, на која Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) ѝ додели награда, „Почесен црн појас – 1. дан“ на нејзината екселенција, Кеико Ханеда, амбасадорка на Јапонија. Од името на ЏФМ, плакетата и црниот појас со посвета ги предадоа претседателот Владимир Трпаноски и потпретседателот Горан Антевски, кои се заблагодарија за четиригодишната посветеност на амбасадорката за ангажираноста и за развивањето на џудото во Македонија, известуваат од ЏФМ.
Амбасадорката Кеико Ханеда изрази голема благодарност за признанието и се заложи, како почесна членка на џудото во Македонија, да продолжи со активностите за соработка помеѓу џудистите од Македонија и од Јапонија. Амбасадорката истакна дека во изминатите години со нејзиниот ангажман секогаш го подржувала секој спорт што ги развива духот и здравјето на граѓаните. Исто така, изрази огромно задоволство за можниот настап на македонски џудисти на Летните олимписки игри во Токио и можноста за омасовување и развој на џудото во наредниот период.

Развивањето и омасовувањето на џудо-спортот, исто така, е и голем приоритет на ЏФМ, која во претходниот период го стабилизира своето и работењето на клубовите. Преку активностите за постојан напредок и помош на клубовите, во наредниот период цел е да се задржи и да се зголеми бројот на џудоки. Потребно е во иднина да се доближи овој благороден спорт до секое дете, преку негово изучување и тренинг во училиштата. Заложба е и на Меѓународната џудо-федерација да се крене во рамките што ги заслужува овој спорт преку финансиска подршка во најмалку 10 училишта во Македонија. На средбата беше истакнато дека јапонската амбасада и во наредниот период ќе продолжи со помош и развој на џудото преку поддршка во опрема и можност за обука на џудоки во Јапонија.

Исто така, беше разговарано за следните активности на почнатиот проект за донација на спортска опрема од Јапонија за Џудо-федерацијата на Македонија, пишува во соопштението на ЏФМ.