Се случува она што очекувавме да се случува. Ги правиме тестовите, затоа што тие се начин за филтрирање на луѓето што можат да развијат инфекција и подоцна да станат ризик, вели д-р Мекласки, експерт за планирање во итни случаи, кој беше задолжен за планирање на јавните здравствени услуги на ЛОИ 2012 во Лондон. Тој вели и дека новите позитивни случаи се доказ дека системот функционира и оти ризикот од ширење на вирусот за време на Игрите е минимален. Организаторите до вчера потврдија 61 случај на позитивни на ковид-19 поврзани со Игрите

До почетокот на 23. Летни олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио остануваат уште два дена во кои треба да се финализираат сите детали, но проблемите со ковид-19 сѐ повеќе се усложнуваат. По двајцата јужноафрикански фудбалери и еден член на стручниот штаб, кои беа првите позитивни на ковид-19 во олимпиското село во Токио, позитивен наод имаат и една американска гимнастичарка и еден член на тимот во тренинг-кампот во градот Инзаи, кои веднаш биле изолирани. Позитивен наод има и тенисерката, 17-годишната Коко Гоф. Чешкиот олимписки комитет соопшти дека позитивен на ковид-19 е и одбојкар на плажа, само по два дена од првиот негативен наод при пристигнувањето во Токио.
Организаторите потврдија 61 случај на позитивни на ковид-19 (до вчера) што се поврзани со Игрите. Но д-р Брајан Меклоски, кој ги надгледува контрамерките за ковид-19 во Токио, вели дека новите позитивни случаи се доказ дека системот за спречување на инфекцијата функционира и оти ризикот од ширење на вирусот за време на Игрите е минимален.
– Се случува она што очекувавме да се случува. Ако мислевме дека сите тестови што ги направивме ќе бидат негативни, тогаш немаше да се мачиме и да ги правиме. Ги правиме тестовите затоа што тие се начин за филтрирање на луѓето што можат да развијат инфекција и подоцна да станат ризик. Не можеме да гарантираме дека луѓето нема да бидат во блиски контакти на Игрите со потенцијални преносители на вирусот – вели Мекласки, експерт за планирање во итни случаи, кој беше задолжен за планирање на јавните здравствени услуги на Игрите во Лондон во 2012 година.
Јапонија четврти пат ќе биде домаќин на олимписки игри, претходно на Летните во 1964 година, исто така во Токио, како и на две зимски, во Сапоро во 1972 година и во Нагано во 1998 година. На годинашните Игри треба да настапат повеќе од 11.000 спортисти од над 200 земји во светот, кои ќе се натпреваруваат во 33 спорта и во 339 дисциплини. На ЛОИ на најдобрите ќе им бидат поделени над 5.000 медали. На трибините на олимписките борилишта ќе нема гледачи, со ретки исклучоци, поради безбедносните медицински протоколи и рестрикциите поврзани со ковид-19.