ЛОИ и ПОИ во Токио се одложени и треба да се одржат „не подоцна од летото 2021 година“. Олимписките игри во минатото се справуваа со многу предизвици, од тероризам и бојкотирање до војна и допинг, никогаш не биле одложени во 124-годишната историја, но биле откажани во 1916, 1940 и во 1944 година, за време на Првата и на Втората светска војна

Летните олимписки (ЛОИ) и Параолимписки игри (ПОИ) во Токио закажани за годинава се одложени за 2021 година поради пандемијата на коронавирус. Игрите што требаше да почнат на 24 јули се презакажани за „не подоцна од летото 2021 година“, а и понатаму ќе се нарекуваат Токио 2020.
– Предложив одложување за една година, а претседателот на Интернационалниот олимписки комитет, Томас Бах, одговори 100 отсто позитивно – изјави јапонскиот премиер Шинзо Абе.
Во заедничката изјава на организаторите и на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), која ја пренесува „Би-би-си“, се вели:

– Големото и непредвидливо ширење на коронавирусот ја влоши ситуацијата во остатокот од светот. Пред неколку дена генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрежезус, рече дека пандемијата се „забрзува“. Во моментов има повеќе од 375.000 случаи низ светот, речиси во секоја земја, а нивниот број расте од час на час. Во сегашните околности и врз основа на информациите од СЗО, претседателот на ИОК и премиерот на Јапонија заклучија дека Игрите во Токио мора да бидат презакажани за датум надвор од 2020 година, но не подоцна од летото 2021-та, за да се заштити здравјето на спортистите, на сите вклучени во ЛОИ и вкупно на сите луѓе“.

Претседателот на Интернационалниот параолимписки комитет (ИПОК), Ендру Парсон, рече дека одложувањето е „единствената логична опција“.
– Здравјето и благосостојбата на човекот секогаш мора да бидат наш приоритет број еден и организирањето спортски настан од кој било вид за време на оваа пандемија не е едноставно. Спортот не е најважната работа во моментов, тоа е зачувувањето на човечкиот живот. Затоа е неопходно да се преземат сите чекори во обид да се ограничи ширењето на оваа болест. Со оваа одлука сите вклучени во параолимпиското движење може целосно да се фокусираат на сопственото здравје и благосостојба и да останат безбедни во ова тешко време – рече Парсон.

Со недели ваквата одлука се чинеше неизбежна. Спортистите не можеа да тренираат безбедно, а календарот на квалификациските натпревари се распадна во услови на ограничувања на патувањата и на затворени граници, по што одложувањето беше реална опција, пишува во анализата на „Би-би-си“. Последиците ќе бидат големи, комерцијалните договори ќе мора да се ревидираат, како и достапноста на спортските борилишта. Преполниот спортски календар, исто така, ќе мора да биде пофлексибилен, пишува „Би-би-си“.
Олимписките игри во минатото се справуваа со многу предизвици, од тероризам и бојкот до војна и допинг. Но никогаш со нешто вакво. ЛОИ досега не биле одложени во 124-годишната историја, но биле откажани во 1916, 1940 и во 1944 година, за време на Првата и на Втората светска војна. Големите бојкоти во периодот на Студената војна ги нарушија ЛОИ во 1980 и во 1984 година. Домаќин на Игрите во 1916 година требаше да биде Берлин, а за таа намена во 1913 година се изгради нов стадион со капацитет од 30.000 места. Но тие Игри беа откажани поради Првата светска војна. Две децении подоцна тој стадион беше урнат за да се изгради Олимпискиот стадион за ЛОИ 1936 во Берлин.
Токио и Сапоро требаше да бидат домаќини на ЛОИ и на ЗОИ во 1940 година. Но, по избувнувањето на војната помеѓу Јапонија и Кина во 1937 година, јапонската влада решила да се откаже од правото да биде домаќин. Како замена беа избрани нови домаќини, Хелсинки за летните и Гармиш-Партенкирхен за зимските игри. Но избувнувањето на Втората светска војна предизвика целосно откажување на тие настани, како и на ЛОИ и ЗОИ во 1944 година во Лондон, односно во Кортина д’Ампецо. Подоцна Лондон беше домаќин во 1948 година, Хелсинки во 1952-та, Токио во 1964-та, а Сапоро во 1972 година. 


Олимпискиот пламен останува во Јапонија

Во изјавата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и на домаќинот Токио во врска со одложувањето на Летните олимписки (ЛОИ) и Параолимписки игри (ПОИ) се вели и дека „лидерите се согласија оти Игрите во Токио може да стојат како светилник на надеж на светот во овие тешки времиња и дека олимпискиот пламен може да биде светло на крајот од тунелот во кој се наоѓа светот во моментов. Затоа, договорено е олимпискиот пламен да остане во Јапонија“.