Магнус Карлсен, актуелниот светски првак во класичен шах

Од недела ќе се играат онлајн-квалификациските дуели, а првиот официјален светски првак во овој вид шах треба да биде познат во ноември

Првото официјално светско првенство во Фишеров шах, во организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), е во полн замав, со почнувањето на втората фаза, во која се серија завршни онлајн-квалификациски турнири. Овие турнири се организираат во соработка со специјализирана шаховска интернет-страница (chess.com).
Квалификациите почнаа во април, а в недела продолжува завршниот дел со 84 квалификанти и 12 поканети шахисти, според т.н. нокаут-систем, во шест недели, по што ќе се добијат шест најдобри. На нив во октомври во четврт-финалето ќе им се приклучат велемајсторите Хикару Накамура и Фабијано Каруана.

Од таа фаза, четворицата најдобри и уште двајца од елиминираните ќе играат повеќе мечеви со различна временска контрола, па тројцата победници и Магнус Карлсен, актуелниот светски првак во класичен шах и неофицијален во Фишеров шах, ќе играат во полуфиналето, во мечеви на табла, во Норвешка. Финалето е предвидено од 31 октомври до 2 ноември.

Фишеров шах е измислен од некогашниот светски првак во класичен шах Боби Фишер, а официјално презентиран од него во 1996 година. Карактеристика на овој вид шах е тоа што почетната позиција е секогаш различна (друго име е Шах-960, поради можните комбинации на фигурите пред првиот потег). Пешаците се на своите места, но позициите на другите фигури се измешани во однос на почетната позиција во класичен шах, со одредени ограничувања (секогаш ловците се на полиња со различна боја, кралот се поставува на кое било поле, но мора да биде помеѓу топовите итн.). Позициите на црните фигури потоа се редат како во огледало во однос на белите фигури.