Почнува Австралија опен, во фокусот Ѓоковиќ, Надал, Барти, Вилијамс…

ТЕНИС

Првиот тениски гранслем-турнир во годината се одржува во Мелбурн како што беше планирано, иако почнува три недели подоцна од вообичаеното. Турнирот почнува денеска. Светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ од Србија, и Рафаел Надал од Шпанија, кој има цел да ја освои 21-та голема титула и да се оддалечи од Роже Федерер, го водат турнирот за мажи, а уште една тениска величина, Серена Вилијамс, пак, го предводи турнир за жени, пишува „Би-би-си“. Американката почнува уште еден обид да ја освои 24-та гранслем-титула во сингл, за израмнување на рекордот.
Домашните надежи за прв шампион на Австралија опен од 1978 година се насочени кон Ешли Барти. Во центарот на вниманието ќе биде и С. Вилијамс, која повторно има цел да се израмни со Австралијката Маргарет Корт на врвот на листата со тенисерки со најмногу гранслем-титули на сите времиња. Бранителот на титулата Ѓоковиќ е прв носител на турнирот за мажи. Триумфот лани беше рекорден осми во Мелбурн, каде што тој победи во претходните 14 меча и загуби само четири пати во изминатите 10 години, пишува „Би-би-си“. Се очекува во трка за трофејот да биде и Надал. Вториот носител има цел да се оддалечи од големиот ривал Федерер, кој е отсутен поради повреда, во однос на бројот на најголемите трофеи. Трет носител е победникот на САД опен, Австриецот Доминик Тим, кој загуби од Ѓоковиќ во финалето лани во Мелбурн… На најмногу 30.000 гледачи секој ден ќе им биде дозволен влез на трибините на терените во Мелбурн за време на турнирот.