На програмата се осум спорта, кои и без овој вид организирано првенство ќе ги имаа своите редовни ЕП, но сега организаторите и ТВ-продуцентите ги ускладија термините, со што гледачите ќе имаат можност да видат најголем дел од возбудувањата во тие спортови

Првото Европско спортско првенство (ЕСП) почна во четвртокот во Глазгов, а ќе заврши на 12 август во Берлин. На програмата се осум спорта, кои и без овој вид организирано првенство ќе ги имаа своите редовни континентални шампионати, но сега организаторите и ТВ-продуцентите ги ускладија термините, со што гледачите ќе имаат можност да видат најголем дел од возбудувањата во тие спортови.

Ќе има атлетика во Берлин, пливање, синхронизирано пливање, велосипедизам и гимнастика во Глазгов, скокови во вода во Единбург, веслање и триатлон во Мадервел и голф во Глиниглс. Сите тие сега првпат се заедно спакувани и понудени на светот.

– Клучната работа е да се направи нешто што ќе биде многу повеќе привлечно отколку поединечно одржаните европски првенства во тие спортови. Повеќето од овие имаа проблем да допрат до пошироката публика. Вака, секој спорт добива трансформација од нешто што досега привлекувало само посветени вљубеници во одредените спортови. Можеби сте љубител на велосипедизмот, кој знае кога е Европското првенство и на која ТВ може да се гледа. Но ако сте обичен спортски вљубеник, нема да знаете ниту кога, ниту каде, ниту ќе ги знаете победниците. Тие гледачи ќе го знаат сето тоа, на пример, кога има олимписки игри. Со ЕСП натпреварувачите од тие спортови ќе влезат во фокусот. Почувствувавме дека фактот да се биде најдобар меѓу 850 милиони од целиот свет е нешто што треба да биде промовирано и препознаено како што треба – изјави за „Гардијан“ Пол Бристоу, директор на ЕСП.

По сѐ, во фокусот ќе бидат и ТВ-гледачите. Истражувањето на Европската радиодифузна унија посочило дека за настани со многу спортови, како олимписките игри, публиката може да биде привлечена да следи и врвни, но и некои други настани, пишува „Гардијан“.

Цената на овој концепт е околу два процента од цената на олимписките игри, што може да привлече други домаќини, пишува во статијата на „Гардијан“.

– Ова е многу достапен повеќеспортски настан. Тоа го направивме, прво, поради тоа што не вметнавме премногу спортови во програмата. Нема спортски села, само хотели и студентски домови, а ги користиме постојните објекти. Дајте му малку време. Погледнете ги другите настани што почнуваа претходниве 25 години. За сите нив првото издание не беше такво какво што е сега. Секогаш сме биле реални дека ЕСП ќе расте со време и дека луѓето ќе видат што е кога ќе се појави на нивните екрани – вели Бристоу.

Се очекува околу 4.500 спортисти од 52 земји да се натпреваруваат во Шкотска и во Германија, а претпоставената бројка ТВ-гледачи да надмине една милијарда.
Во Европа, во 2015 година, во Баку, се одржаа првите Европски игри (20 спорта, околу 6.000 спортисти од 50 земји), во организација на Европските олимписки комитети. Следните на програмата се в година, во Минск (15 спорта, околу 4.000 спортисти од 50 земји).


Пехар за најуспешната земја

За Европското спортско првенство (ЕСП) ќе се бројат медалите во сите спортови, а земјата со најголем успех ќе добие и соодветен пехар, претставен во средата во Глазгов.

„Европското спортско првенство (ЕСП) е родено од желбата да се формира најголемата сцена на која ќе се крунисаат достигнувањата на европските прваци. ЕСП сака да го зголеми нивото на свест и на препознатливост, кое едно такво достигнување го заслужува, со креирање настан што ’мора да се види’ или на кој ’мора да се биде присутен’. ЕСП сака да стигне подалеку од посветените спортски вљубеници и да најде поголема публика“, пишува, меѓу другото, на сајтот на ЕСП.