Веднаш по пристигнувањето, на посетителите ќе им бидат инсталирани апликации на паметните телефони за следење на нивната локација додека се во Јапонија. Секој ќе треба да направи тест на коронавирусот и да добие негативен резултат за да може да влезе во Токио. Од сите посетители ќе се бара да се тестираат во првите три дена, а потоа секои четири дена. Ограничувањата вклучуваат и забрана за користење јавен превоз, одење во ресторани, на туристички места или прошетка во првите 14 дена

Во услови на пандемија на коронавирусот, Јапонија ги очекува акредитираните посетители на одложените од лани Летни олимписки игри (ЛОИ) 2020, кои ќе се одржат од 23 јули до 8 август. Спортистите и новинарите од целиот свет што ќе пристигнат во Јапонија ќе бидат изложени на огромни безбедносни мерки во периодот додека се одржуваат Игрите.
По пристигнувањето на аеродромот „Ханеда“, од посетителите ќе се бара да инсталираат апликации на паметните телефони и да активираат ГПС за следење на нивната локација додека се во Јапонија. Што е најважно, секој ќе треба да направи тест за коронавирусот и да добие негативен резултат за да може да влезе во Токио. Учесниците на ЛОИ, вклучувајќи ги и новинарите, ќе треба да преземат апликација за пријавување и здравствен извештај на нивниот телефон, каде што секој ден ќе внесуваат податоци за здравствената состојба, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Обезбедени се комплети за тестирање и од сите посетители ќе се бара да се тестираат во првите три дена, а потоа еднаш на секои четири дена, до крајот на нивниот престој. Ограничувањата вклучуваат и забрана за користење јавен превоз, одење во ресторани и на туристички места или дури и едноставна прошетка во текот на првите 14 дена во земјата, пишува АП.
Спортистите секојдневно ќе бидат тестирани за коронавирус. Тие, исто така, ќе бидат изолирани во олимпиското село во т.н. безбедносен меур, а се очекува да останат таму или во слични „меури“ на спортските стадиони и борилишта и во тренинг-центрите. Ако некој е заразен, службените лица ќе го користат ГПС-уредот за да ги погледнат податоците за движењата и контактите од влезот во Јапонија.
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и локалните организатори на Игрите објавија таканаречени „Книги за Игрите“, во кои се објаснуваат правилата за влез во Јапонија за олимписки и за параолимписки спортисти од 205 земји и територии, и за медиумите.
Поради тоа што на Игрите во Токио ќе нема гледачи, реосигурителите се очекува да имаат загуба, како надомест за купените, а неискористени билети и за непонуденото гостопримство, оценува агенцијата за анализа на финансискиот пазар „Фич“.