Поп Ацев пливаше за Нико Нестор и за афирмација на пливањето

Огромна благодарност до сите што ме поддржаа и ми помогнаа во остварувањето на нашата цел за собирање парични средства за добротворната организација „Нико Нестор“, изјави македонскиот маратонец Евгениј Поп Ацев, кој живее во Свонси

Условите беа одлични и навистина уживав во испливувањето на делницата од седум километри, во марината Свонси до Мамблс, во Велс, во спомен на Нико Нестор, легендата на македонското маратонско пливање, кој го преплива познатиот канал Ла Манш во септември 1959 година. Огромна благодарност до сите што ме поддржаа и ми помогнаа во остварувањето на нашата цел за собирање парични средства за добротворната организација „Нико Нестор“, изјави македонскиот маратонец Евгениј Поп Ацев, кој живее во Свонси.
Идејата за ваквиот пливачки предизвик потекнува од ќерката на Нико Нестор, Викторија Нестор, која ја предводи добротворната организација „Нико Нестор“, што промовира пливање низ целиот свет, обезбедува бесплатни лекции за пливање за деца и за млади и обука за безбедност во водата.

– Евгениј Поп Ацев пливаше за Нико Нестор! Прекрасно, таму каде што постои волја има и начин да се направи нешто. Ова беше и желба на Нико за промоција на пливањето. Планираме вакви настани и во Македонија, се надевам наскоро, бидејќи Нико пливаше зa Македонија – вели Викторија Нестор.
Поп Ацев е трикратен победник (во 2015, 2017 и во 2019 година) во гранпри-серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА) во маратонско пливање, победник е на Охридскиот маратон во 2015 година и на познатата маратонска трка од Капри до Неапол во 2016 година.