Фото: Маја Јаневска-Илиева

Адријана Поп Арсова кај дамите и Дарио Ивановски во машка конкуренција, беа најбрзи на Скопскиот маратон што се трчаше денеска низ улиците на главниот град. Поп Арсова ја истрча маратонската трка во време 2:40,36 часа, додека Ивановски заврши со време од 2:21,27 часа, во конкуренција на околу вкупно 150 учесници. Зад Поп Арсова беа Силвија Јукаила од Еквадор и Билјана Кираџиева, а Ивановски победи пред Младен Стевановиќ од БиХ и пред Германецот Давид Перлич.

Бугаринот Ценков беше најбрз во полумаратонската трка со време 1:09;10 часа, додека Србинката Ристиќ мина прва низ целта во женска конкуренција со резултат  (1:26,09).

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ги додели наградите на првопласираните на маратонот и се заблагодари на целата организација и волонтерите што беа дел од овогодишното издание на Виз Ер Скопски маратон.

– Честитки до сите учесници и учеснички на скопскиот маратон. Скопје уште еднаш покажува дека е европска метропола, голем домаќин и професионален организатор на масовен спектакл како што беше денешниот маратон. Благодарност до организаторите и волонтерите што несебично работеа и овозможија овогодишното издание на Виз Ер Скопски маратон да се одржи беспрекорно добро под покровителство на Град Скопје – нагласи Шилегов.

Градот Скопје обезбеди целосна логистичка и делумна финансиска помош на организаторите на маратонот. Службите и јавните претпријатија на Градот Скопје се ставија целосно на располагање на учесниците во маратонот, за непосредно пред почетокот на трката улиците да бидат чисти, безбедни и погодни за трчање.

На 17-тото издание на традиционалниот Виз Ер Скопски маратон имаше над 7.000 учесници, од кои најголемиот дел беа домашни спортисти. Редакцијата на весникот „Нова Македонија“, која е и медиумски покровител на Скопскиот маратон, по традиција, и годинава имаше свои претставници на оваа манифестација. Тоа се новинарката Сања Јачевска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски.