Поради ширењето на коронавирусот, за што СЗО прогласи пандемија, засега се прекинати кошаркарските лиги, НБА, Евролигата и ЛШ на ФИБА-Европа, одложени или откажани се многу светски и континентални натпреварувања, разни квалификации за ЛОИ, тениски митинзи, атлетски маратони…, а многу други спортски настани се одржуваат без публика, како на пример и традиционалното палење на олимпискиот оган за ЛОИ 2020 во Токио

Пандемијата на коронавирусот, која ја прогласи Светската здравствена организација (СЗО), од која досега има заболено над 120.000 луѓе на глобално ниво, своето негативно влијание го рефлектира и врз спортските настани. Како една од главните мерки за спречување на ширењето на вирусот иницирана од меѓународните и од домашните федерации е одложување или целосно прекинување на домашните шампионати и меѓународните првенства или играње без публика.
Така, откако центарот на Јута, Руди Гобер, е позитивен на коронавирус НБА-лигата реши привремено да ја прекине сезоната. До крајот на регуларната сезона остануваат уште 259 натпревари и засега е непознато дали ќе се одиграат или сезоната ќе заврши според сегашниот статус. Од кошарката, на неодредено време запрено е и натпреварувањето во Евролигата, како и европските купови на ФИБА-Европа.

Во Грција без присуство на публика се одржа традиционалното палење на олимпискиот оган за ЛОИ 2020, Светското првенство во атлетика во сала, во Кина е одложено за следната година, за шест месеци се одложени маратоните во Париз и во Барселона, како и Европскиот куп во фрлачки дисциплини, во Формула 1 е одложена трката во Кина, а трката во Бахреин на 22 март ќе се вози без публика. Во тенисот, е откажан мастерс-турнирот во Индијан Велс, како и неколку ВТА-турнири, финалето во Фед-купот… Олимписките квалификации во бокс за Азија и за Океанија се преместени од Кина во Јордан. Откажани се две светски веслачки првенства, во гимнастиката е откажан Светскиот куп во Штутгарт, Светскиот куп во ритмичка гимнастика е одложен за јуни, скијачката сезона е предвреме завршена, одложувања, откажувања или настани без публика има и во Ф1, велосипедизмот, бејзболот, крикетот, бадминтонот, НХЛ-лигата, рагбито, пинг-понгот, голфот, кревањето тегови итн. 


ЕХФ одреди план Б

Раководството на Европската ракометна федерација (ЕХФ) будно ја следи ситуацијата околу превентивните мерки што се преземаат за заштита од ширење на коронавирусот. Закажаните осминафинални натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) за мажи, како и последните две кола од групната фаза во ЕХФ-купот и четврт-финалето во ЛШ за жени ќе се одиграат во веќе утврдените термини, но без публика. Сепак, доколку дојде до ескалација на кризата, ЕХФ веќе утврди „резервни датуми“ на кои би се играле завршните турнири за распределба на европските трофеи за сезонава.
Така, фајналфорот во Келн што треба да се одржи на 30 и 31 мај, би бил презакажан за 22 и 23 август. Завршниот турнир од ЕХФ-купот наместо на 23 и 24 мај би се одржал на 30 и 31 август во Берлин, а фајналфорот од ЛШ за жени во Будимпешта наместо на 8 и 9 мај, би се играл на 5 и 6 септември. Од ЕХФ истакнуваат дека приоритет ќе биде завршните турнири да се играат во првичните термини, а конечната одлука ќе биде донесена на 17 април.