По двете најавени трки во Австрија, предвидени за 5 и за 12 јули, Ф1 и Силверстоун договорија нови две трки потоа, а белгиската влада дозволи гранприто во Спа да се одржи на претходно предвидениот датум, 30 август

Формула 1 и британски Силверстоун се договорија да има две гранпри-трки што ќе се одржат сезонава, но без присуство на публика, јави „Би-би-си“. Договорот беше постигнат пред неколку дена, но се појави нова закана за овие две трки, а тоа е воведувањето двонеделен карантин за сите учесници по пристигнувањето.
– Задоволен сум што можам да потврдам дека Силверстоун и Ф1 постигнаа договор за две трки без публика. Сепак, овие трки ќе бидат предмет на одобрување од Владата, оти наш приоритет е безбедноста на сите инволвирани страни поради ковид-19 – изјави за „Би-би-си директорот на трката во Силверстоун, Стјуарт Прингл.

Правилата за карантин ги комплицираат работите, поради 14-дневниот период на самоизолација во Велика Британија за луѓето што ќе пристигнат во таа земја. Формула 1 настојува сезонава да се состои од 15 до 18 трки, почнувајќи со два последователни викенди во Австрија, предвидени за 5 и за 12 јули.

Во меѓувреме, белгиската влада даде дозвола за нејзиното гранпри што би требало да се одржи без публика на патеката Спа на 30 август. Договорот уште не е постигнат со Ф1, но генералниот директор на Спа, Ванеса Маес, за белгиските медиуми изјави дека очекува тоа да се случи во наредните денови, пренесува „Би-би-си“.
Пандемија на коронавирусот целосно ја измести новата сезона во Ф1, која требаше да почне на 15 март со трка во Австралија. Првите 10 трки се презакажани или одложени. Новата сезона би требало да почне на 5 јули со трката во Австрија.

– Продолжуваме да разговараме со Силверстоун и со другите промотори во врска со ревидираниот календар за 2020 година – ја пренесе „Би-би-си“ изјавата на портпаролот на Ф1.