Собрани над 3,5 милиони долари за настраданите во регионот, а донирањето ќе продолжи во текот на целиот турнир. Титулите од лани ќе ги бранат Наоми Осака и Новак Ѓоковиќ

На терените на Мелбурн парк, од денеска до 2 февруари, треба да се играат натпреварите на првиот годинашен тениски гранслем-турнир Австралија опен. Австралија годинава се соочува со една од најлошите сезони на пожари, во кои досега загинаа 28 лица, а беа уништени или оштетени повеќе од 3.000 куќи, шуми и обработливо земјиште во Нов Јужен Велс, на површина четири пати поголема од Македонија. Процените, според „Њујорк тајмс“, се дека во пожарите настрадале над 480 милиони животни.

Најголемата загриженост во врска со временските неприлики се облаците од чад што периодично ги има над Мелбурн како последица на пожарите на истокот од државата. На квалификациските мечеви минатата недела поради загадениот воздух и отежнатото дишење имаше неколку прекини и едно откажување. Марија Шарапова мораше да го прекине егзибицискиот меч во блискиот Кујонг, но, освен одложувањето на мечевите и затворањето на покривите на трите главни терени, каде што ќе играат најдобрите, не се очекуваат некои подрастични мерки. Додека беснееја пожарите, најголемите тениски ѕвезди преку егзибициските мечеви и на други начини собрaа повеќе од 3,5 милиони долари за настраданите во регионот, a донирањето ќе продолжи во текот на турнирот.

На тениски план, една од главните дилеми е дали ќе продолжи доминацијата на старата гарда Новак Ѓоковиќ, Роже Федерер и Рафаел Надал, кои победуваа на 13 од претходните 14 изданија на Австралија опен (исклучок е Стан Вавринка, кој победи во 2014-та) или некој од помладите, како Данил Медведев, Доминик Тим, Александар Зверев и Стефанос Циципас, ќе направи изненадување. Ѓоковиќ, кој има рекордни седум триумфи во Мелбурн (има вкупно 16 гранслем-титули) е еден од фаворитите. Шпанецот Надал (има само една победа) ќе се обиде да ја освои 20-та гранслем-титула и да се израмни со рекордерот, Швајцарецот Федерер (шесткратен победник). За тоа дека новиот победник во Мелбурн треба да се бара меѓу овие тројца тенисери сведочи и податокот дека тие триумфираа на последните 12 гранслем-турнири, што е втора ваква најдолга серија, по онаа една декада порано, од Ролан Гарос во 2005 година до Вимблдон четири години подоцна.

Вкупниот награден фонд на 108-то издание на Австралија опен (52 во опен-ерата) е 49,2 милиони американски долари, што е зголемување за 13,6 отсто во однос на лани. Победниците во машка и во женска конкуренција ќе добијат по 2,85 милиони долари, а поразените во финалето двојно помалку. Полуфиналистите ќе добијат по 720.200, четвртфиналистите по 363.530, пласманот во осминафиналето носи 207.750, во првиот круг 62.300 долари итн. 


Австралија 42 години чека домашна титула во женска конкуренција

Кај жените, Американката Серена Вилијамс (38), седумкратната победничка, ќе атакува на 24-та гранслем-титула во кариерата, со што би се запишала во тениската историја, израмнувајќи се со легендарната Австралијка Маргарет Корт, која слави 50 години од триумфот на четирите гранслема во иста година. Во Мелбурн во претходните седум години победуваа шест различни тенисерки, меѓу кои Серена е единствената со две победи (во 2015-та и 2017-та), а 11 тенисерки играа во финалето во тој период (С. Вилијамс трипати, а Ли На двапати). Во кругот на фаворитките е и ланската победничка, Американката Наоми Осака, но за домашните љубители на тенисот во центарот на вниманието е светската тенисерка број 1, Ешли Барти. Од неа се очекува да биде првата Австралијка победничка во Мелбурн, по пауза од 42 години и триумфот на Ивон Гулагонг во 1977 година.


Трите главни терени имаат подвижен покрив

Мечевите ќе се играат на терените во Мелбурн парк (на тврда сина подлога), кој е оддалечен околу 10 минути од центарот на градот. Главни објекти се централниот терен, арената „Род Лејвер“, со капацитет од 14.820 места, потоа арената „Мелбурн“, со 10.500 места, и арената „Маргарет Корт“, со 7.500 места, кои имаат и подвижни покриви. Најевтиниот билет за трите главни арени е 42,7 долари, а најскапиот, за машкото финале, на арената „Род Лејвер“ 620 долари. На Австралија опен годинава ќе има вкупно 360 деца задолжени да им ги додаваат топчињата на тенисерите за време на мечевите. Тие се избрани меѓу повеќе од 2.500 кандидати врз основа на неколку критериуми и се на возраст од 12 до 15 години. Поголемиот дел се од Австралија, но годинава ќе има и неколку деби-претставници од Кореја, Франција, Индија и од Кина.