„Македонската експедиција Тур де Франс 2018 – Доломити“, во состав Никола Ѓорѓиев, Васко Русевски, Бојан Диковски и Слободан Трајковски утре тргнува за Италија, со старт и цел на потфатот во градот Толмецо.

Целта на експедицијата е искачување со велосипеди на планинските превои на Алпите, на Доломити и на неколку други во околината. За искачување тие ги планираат превоите Стелвио (2.758 метри), Гавиа (2.621 м), Ѕонколан (1.730 м), Монте Грапа (1.745), Федаја, Џау и други. Во 2015 година беше искачен највисокиот планински превој во Европа, Кол де ла Бонет, на 2.802 метри.

– Во минатите осум години експедицијата, во која учествуваа 13 велосипедисти од Македонија, искачи триесетина планински превои на Алпите и на Апенините и присуствуваше на 19 етапи на Тур де Франс. Со ова сакаме да ги мотивираме и да ги охрабриме и другите велосипедисти од Македонија да тргнат во една ваква авантура. Ваквите искуства се преубави и придонесуваат за развојот на велосипедизмот во Скопје и во цела Македонија – вели Слободан Трајковски. Л.Д.