На ОИ во Сиднеј не му се укажа шанса да настапи, иако беше прва резерва. Потоа доаѓаат години кога се оддалечува од рингот, за враќањето да биде успешно, па на СП во Милано да стигне до делба на петтото место, а на Европскиот куп во Харков беше трет. Четвртиот „златен гонг“ Димовски го освои дури по пауза од девет години

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (183) ПРИМИСЛАВ ДИМОВСКИ (2)

Боксерскиот шампион Примислав Димовски имаше долга кариера, но испреплетена со многу паузи, за на крајот како резултат на повредите конечно да прекине со кариерата. Но, еве како течеше таа до конечната разделба од рингот. Тој во 2000 година, откако беше финалист на изборниот турнир во Ливерпул, беше прва резерва на Олимпијадата во Сиднеј.
Иако желбата за настап беше преголема, а Димовски со нашиот олимписки тим речиси повеќе од еден месец беше на аклиматизација и на подготовки во Австралија, сепак, не доби шанса да се појави на рингот на најголемиот светски спортски собир.
– До последниот момент со тренерот Руждија Калач очекувавме некој од оние со исполнета олимписка норма да се откаже, но не се случи тоа. Така, и покрај напорните тренинзи и долгата неизвесност на исчекување, не се појавив на олимпискиот ринг. Ја немав таа среќа некој од „супертешкашите“ да го откаже учеството. Останав на ОИ, ги следев борбите, но бев тажен што и јас не ќе можам да учествувам во натпреварите. Но што се може, таква ми беше судбината. Сепак, самиот престој во Сиднеј и она дружење во олимпиското село со нашите избраници, а и со некои од светските асови, никогаш нема да го заборавам, а и сега, од оваа временска дистанца, често се сеќавам на тие олимписки денови. Уште ми се свежи сеќавањата од средбите со нашите иселеници, кои постојано беа покрај нас и секогаш беа подготвени да ни помогнат, ако имавме некаква потреба. Со нив деновите брзо минуваа. Покрај редовниот тренинг, во слободните часови нѐ канеа во нивните домови, а одделуваа време и да нѐ прошетаат низ Сиднеј и околината. Беше навистина пријатно да се биде таму, во тие предолимписки денови – вели Примислав Димовски.

ДЕБИ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ЧИКАГО

Откако се врати од Сиднеј некако како да спласнаа мотивите и желбата за тренинг кај Димовски. Она што го држеше и мотивираше беше брзиот настап на традиционалниот „Златен гонг“.
– Сакав да дојдам до хет-трик и успеав во тоа. На „гонгот“ одбоксував навистина на едно високо ниво и заслужено третпат трофејот се најде во моите раце. Меѓутоа, подоцна дојдоа, и јас не знам зошто, моменти на мало опуштање и сѐ почесто отсуство од тренинзите. Како резултат на тоа во 2001 година воопшто не боксував и многумина мислеа дека, иако млад, мојата кариера е на крај. Меѓутоа, почувствував дека без боксот не можам, па веќе во 2002 година се вратив на рингот, но немав многу мечеви. Учествував на традиционалниот „Белградски победник“, каде што извојував две победи, и тоа беше сѐ што сторив во таа година. Повторно бев на крстопат и повторно ме мачеше истата мисла, да продолжам или не. Следната година имав само еден настап и тогаш помислив дека е тоа навистина крајот и конечна разделба од благородната вештина. Почнав како сите мои другари да го минувам оној младешки живот со сите задоволства што ги носи. Но нешто ме копкаше и постојано мислев дека ќе одам во салата за тренинг. Конечно, по многу испуштени сезони и настапи на рингот, во 2007 година решив повторно да му се вратам на боксот. Овој пат навистина бев сериозен и им ветив на Дуковски и на Калач дека ќе бидам редовен на тренинзите и ќе чекам шанса повторно да ги вкрстам ракавиците со новите ривали, зашто многу од оние со кои се среќавав во минатото веќе беа во години и не беа активни. Меѓутоа, оние што се појавија во првите години од овој век, како Камареле и Прајс, беа тука, а тие секогаш беа главни фаворити на големите приредби. Така, во 2007 година дојде и големата шанса да настапам првпат на едно светско првенство. Тоа се случи во Чикаго, каде што по двете победи и пласманот меѓу шеснаесетмина налетав на Американецот Прајс, од кого бев поразен. Сепак, и овој резултат, со оглед на подолгата пауза што ја имав, не беше за потценување – продолжува Димовски.

ВО МИЛАНО ПЕТТИ НА СП

Димовски повторно се загреа за боксот и беше редовен на тренинзите, со единствена желба повторно да биде успешен на големата сцена. Во 2008 година, заедно со Мумин Вели, настапи на ЕП во Ливерпул. Но немаше среќа со ждрепката, па уште на стартот налета на Бугаринот Кубрат Пулев. Мечот заврши 2-2, но победата му беше доделена на Бугаринот, кој на крајот триумфира, а потоа имаше и богата профи-кариера, во која имаше меч и за светската титула, со Витали Кличко.
Затоа, пак, на СП во Милано во 2009 година Димовски беше многу поуспешен, го подели 5. место. Тој во првото коло го разоружи шампионот на Океанија, потоа и првакот на Американските Девствени Острови, а во четврт-финалето загуби од Кинезот Жанг, кој на ОИ во Пекинг беше втор.
По ова СП пораснаа апетитите за нови постигнувања. Но основна желба му беше по четврти пат да го освои „златниот гонг“ и да стане рекордер по бројот на освоените трофеи на нашата најсилна меѓународна приредба.
– Тоа ми успеа, а по настапот многу бев задоволен. Мислам дека заслужено го освоив „гонгот“, зашто против себе во финалето го имав одличниот Полјак Раковски, кого во една тактичка и мудра борба успеав да го совладам – вели Димовски.

ТРЕТ НА ЕВРОПСКИОТ КУП ВО ХАРКОВ

По сите овие резултати и настапи, откако виде дека залудно загубил неколку години од кариерата, Димовски продолжи со ист ентузијазам како во минатото да тренира и да се подготвува за настапите.
– Многу згрешив што направив голема пауза и речиси четири години се оддалечив од боксот. Затоа, мојата порака до младите боксери е никогаш, додека се во полна сила, да не прекинуваат и редовно да тренираат. Ова го кажувам од искуство, од она што јас го доживеав. Ако не беше тој прекин, којзнае до каде ќе стигнев – вели тој.
Но нашиот боксерски ас не беше „престар“ за да не може и понатаму да жнее успеси. Дека навистина беше така говори и податокот што во следната година го освои третото место на Европскиот куп во Харков (Украина). Тој настапи и на Европското првенство во Москва, но таму во мечот со фаворитот за титулата Зуев беше дискавлификуван.
– На следното ЕП во Анкара се повредив и не успеав да стигнам во завршницата, исто како и на СП во Баку (2011), кога речиси цела борба одбоксував со скршеница на клучната коска. Откако по борбата дежурниот лекар ме прегледа, се зачуди како сум можел со таква повреда да ја издржам борбата. Азербејџанците беа многу фер и таму ми беше извршена хируршка интервенција. Следната година боксував, но не можев да дојдам до посакуваните резултати. Очигледно повредата го стори своето. Конечно во 2013 година, кога ја скинав тетивата на ногата, се наsираше крајот на кариерата. Сепак, за да не се разделам нечујно од рингот, настапив на „Златниот гонг“, извојував две победи и го напуштив рингот. Оставив на помладите да се докажуваат и да тргнат по патот на успехот – рече Димовски.
Меѓутоа, ова не значеше и конечна разделба од боксот, во кој со извесна пауза ја помина својата младост. Зад него останаа резултатите, особено она трето место на Европскиот куп во Харков и делбата на петтото место на СП во Милано. Тоа се врвни достигнувања запишани во македонската, не само боксерска, туку целокупна спортска историја.
Сега ангажманите на Примислав Димовски, како прв човек на Боксерската федерација на Македонија, се насочени кон консолидација на Федерацијата и создавање услови за развој и напредок на младите таленти.
– Не треба да заборавиме дека боксот е еден од нашите најтрофејни спортови и затоа со сите сили ќе работиме да го вратиме неговиот сјај. Таленти имаме, само треба да им овозможиме да се надградат, за да може во блиска иднина сите ние да се радуваме на нивните резултати – вели Димовски.
А, веќе неодамна се виде и првиот резултат, кога на Европското младинско првенство во Будва, боксерот на Шкупи, Ардијан Аземи го освои бронзениот медал во категоријата до 91 килограм.