Поранешниот тенисер, специјалист за дубл, Патрик Мекинро е уште еден од низата стручњаци што ја коментираа борбата за најдобриот на сите времиња.

Јавноста не може да се реши кој од тројцата (Роже Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ) може да го понесе приматот. Се согласуваат дека ерата во која играат и доминираат овие тројца е најдобра во историјата на тенисот.

Федерер е миленик на љубителите на тенисот насекаде низ светот и има најмногу гренд-слем титули (20), Надал е втор со 18, а Ѓоковиќ трет со 16. Статистиката покажува и дека Федерер има најслаб скор во меѓусебните дуели помеѓу ривалите, додека Ѓоковиќ има подобар меѓусебен скор и од Федерер и од Надал.

– Федерер има 38 години, а игра на толку високо ниво и со таков интензитет четири и пол часа. Тоа е неверојатно. Доколку Ѓоковиќ биде способен да направи нешто такво, за пет години тогаш тој ќе биде најдобриот на сите времиња, бидејќи ќе освои најмногу гранслем-титули. Неговата способност да остане мирен кога се игра тај брејк е сјајна – рекол Патрик Мекинро.

Ѓоковиќ во моментов се наоѓа во Марбља каде се подготвува за мастерсот во Синсинати. Тој и Федерер нема да играат на Роџерс купот во Монтреал, каде прв носител ќе биде Надал.