Павлов со златниот медал од Салцбург

По триумфот на престижната Премиер-лига во Салцбург, Павлов е на 18-то место на листата за пласман на ЛОИ. Следните предизвици во март се уште еден турнир во Премиер-лигата и ЕП, а потоа во мај и квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ 2020

Македонскиот каратист во борби Емил Павлов (категорија до 60 кг), по успехот викендов, првото место во престижната Премиер-лига во Салцбург (Австрија) и освоените нови 990 бода, напредуваше 11 места на ранг-листата за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава и моментно е на 18-то место, со 3.322 бода.

Павлов (27), кој е двократен европски првак (2014 и 2018 година) и двапати трет (2016 и 2019 година), е во добра форма, што особено радува пред следните предизвици, а тоа се турнирот во Премиер-лигата во Рабат, Мароко (13-15 март), Европското првенство (ЕП) во Баку, Азербејџан (25-29 март), како и квалификацискиот турнир за ЛОИ во Париз (8-10 мај).

На турнирот во Париз треба да настапат најдобрите 50 на ранг-листата од секоја категорија, а на Летните олимписки игри во Токио ќе се пласираат носителите на медали. За пласман на Игрите се бодуваат пласманите на турнирите во Премиер-лигата, Серија А, Младинската лига, континенталните и Светското првенство (СП). На ЛОИ 2020 во Токио ќе настапат по 10 каратисти во секоја категорија.

Триумфот во Премиер-лигата на Павлов му е вкупно трет, по првите места во Салцбург (сега и во 2013 година) и во Москва (2019-та), а двапати бил втор (во Дубаи 2016-та) и во Салцбург (2016 година). Радува и фактот што во Салцбург ги победи моментно првиот и третиот на листата за настап на ЛОИ, Казахстанецот Дархан Асадилов, кој е светски јуниорски првак (2008 година) и бронзен на СП за сениори (2018 година), а во финалето и Анџело Креченцо, кој е светски првак од 2018 година, двократен европски вицепрвак (2018 и 2019 година), а еднаш бил и трет (2017 година).

Засега само борачот во слободен стил Магомедгаџи Нуров (категорија до 97 кг) е македонски спортист со обезбедена олимписка норма за Летните олимписки игри годинава.