Селекторот Никола Матијашевиќ

Квалификациите, односно пласманот на ЕП 2021 во одбојка, втор во низа за Македонија, би требало да ни биде приоритет, поради континуитет и сѐ друго што значи играње на завршен турнир. Јас сум оптимист, верувам во одбојкарите, кои се поискусни за едно големо натпреварување, вели селекторот на Македонија Никола Матијашевиќ

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија годинава ја очекуваат две големи натпреварувања, дебито во Европската златна лига, во мај и во јуни, и квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, во август и во септември годинава. Во Европската златна лига Македонија ќе игра против Турција, Чешка и против Португалија, а во квалификациите за ЕП 2021, повторно ќе биде во група со Турција, како и со Данска и со БиХ.

Во улога на селектор останува Србинот Никола Матијашевиќ, под чие водство лани, на деби-настапот на ЕП, Македонија, во групата во Љубљана, имаше повеќе од забележителен настап. Македонските одбојкари забележаа две победи, над Белорусија и над вицепрвакот Словенија, и претрпеа три порази, од Финска, Турција и од Русија, и за малку, поради полошиот сет-количник, не се пласираа во осминафиналето.

– Тоа се две битни натпреварувања и не би можел да ги рангирам по значење. Но мислам дека квалификациите, односно пласманот на ЕП 2021, втор во низа за Македонија, би требало да ни биде приоритет, поради континуитет и сѐ друго што значи играње на завршен турнир, од играчки и секаков друг аспект. Златната лига би требало да биде добра увертира, своевидна генералка, ќе играме против квалитетни репрезентации, и ќе се обидеме да постигнеме што е можно подобри резултати – вели Матијашевиќ, кој е тренер на францускиот прволигаш Рен.

Што се однесува до планот на подготовки, Матијашевиќ вели дека тие би требало да бидат пократки за околу две недели во споредба со ланските, за ЕП 2019. Репрезентативниот состав не би требало да претрпи поголеми измени, а покрај тоа, во меѓувреме Матијашевиќ ќе треба да ги одбере помошниците и да го оформи новиот стручен штаб.

– Планот за подготовки би требало да биде готов наскоро, со датуми, места и евентуални противници за контролните средби, а ќе треба да поразговарам и со некои луѓе, кои би ми асистирале во работата. Подготовките ќе бидат пократки, лани видовме дека повеќето одбојкари не можат да поднесат толку долги и интензивни тренинзи, имаше доста повредени, па затоа нешто ќе менуваме. Списокот со играчи би требало да биде речиси ист од лани, со некои мали измени – рече Матијашевиќ.

Анализата на квалитетите на противниците на Македонија во Европската златна лига и во квалификациската група за ЕП 2021, допрва ќе следуваат.

– Со Турција ќе играме двапати, очекувам добри, квалитетни дуели. За разлика од Македонија, тие имаат многу поширок избор на квалитетни одбојкари и можно е да играат со две различни селекции. Но сеедно, тие дуели, како и оние против Португалија и Чешка, би требало да бидат добра подготовка за квалификациите. Таму повторно Турција, па Данска, и БиХ. Очекувам Македонија да се бори за првото место што води директно на ЕП или за второто што, исто така, може да донесе пласман на завршниот турнир. Јас сум оптимист, верувам во одбојкарите, кои се поискусни за едно големо натпреварување – рече Матијашевиќ во телефонскиот разговор.


ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА

23.5 Македонија – Чешка
27.5 Турција – Македонија
30.5 Португалија – Македонија
6.6 Македонија – Португалија
10.6 Македонија – Турција
13.6 Чешка – Македонија

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2021

15/16.8 БиХ – Македонија
19.8 Македонија – Турција
22/23.8 Македонија – Данска
28-30.8 Данска – Македонија
2.9 Турција – Македонија
5/6.9 Македонија – БиХ

[email protected]