Моментално тренирам во домашни услови и во исчекување сме околу сегашната ситуација, така што не знаеме кога се нашите следни натпревари, изјави олимпискиот кандидат Емил Павлов, кој по освојувањето на првите места годинава во Москва и во Салцбург во престижната Премиер-лига, напредуваше 11 места на ранг-листата за пласман на ЛОИ, и моментално е на 18-то место

На новонастанатата состојба со ширењето на коронавирусот, не остана имуно ни каратето. Европското првенство (ЕП), кое требаше да се одржи од 25 до 29 март е откажано, објави Светската карате-федерација (ВКФ) на својата интернет-страница.

Тоа, секако, ги измести предвидените планови и за каратето во Македонија, особено за двократниот европски првак (од 2014 и од 2018 година) и двапати носител на бронзен медал, Емил Павлов (27), кој е нашата најголема надеж во овој спорт, да биде дел од Летните олимписки игри (ЛОИ).

Претходно беше одлучено да се откажат и двата турнира од Премиер-лигата во Рабат и во Мадрид, потоа Медитеранското првенство во Никозија, како и Балканскиот шампионат за деца во Истанбул.
Засега останува во игра квалификацискиот турнир за ЛОИ што треба да се одржи во Париз, во мај, што е и најзначаен за македонските каратисти. Само финалистите на турнирот ќе обезбедат директен пласман на ЛОИ во Токио.
– Секако, разочарувачки ја примив веста за откажувањето на ова ЕП, оти многу напорно се подготвував, а и во одлична форма сум. Имав клупски подготовки во Пехчево минатата недела, а требаше да продолжиме од денес со репрезентацијата на завршните подготовки. Но тоа е тоа, сепак здравјето е пред сѐ. Моментално тренирам во домашни услови и во исчекување сме околу сегашната ситуација, па и не знаеме кога се нашите следни натпревари – ни изјави Павлов.

Павлов (категорија до 60 кг), по освојувањето на првите места годинава во Москва и во Салцбург во рамките на престижната Премиер-лига, напредуваше 11 места на ранг-листата за пласман на ЛОИ во Токио и моментално е на 18-то место, со 3.322 бода.