Фото: IOK

Тоа ќе биде уникатна комбинација на спортски и на културен момент, со целиот град претворен во огромен олимписки стадион, изјави Тони Естонге (43), шеф на Организацискиот комитет на ЛОИ 2024. На повеќе од 160 брода ќе бидат спортистите и официјалните лица од над 200 земји, кои ќе пловат по Сена речиси шест километри во централниот дел на Париз, пред повеќе од 600.000 луѓе, за првата церемонија на отворањето на ЛОИ што ќе се одржи надвор од стадион

Отворањето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2024 година ќе се одржи на реката Сена, со присуство на повеќе од 600.000 луѓе. На повеќе од 160 брода ќе бидат спортистите и официјалните лица од над 200 земји, кои ќе пловат по Сена речиси шест километри во централниот дел на Париз. Организаторите најавија дека тоа ќе биде „најспектакуларната и најпристапна церемонија во историјата на олимписките игри“, кои ќе се одржат од 26 јули до 11 август 2024 година, прва церемонија што ќе се одржи надвор од стадион.
– Игрите се уникатно искуство што се случува еднаш во животот. Сакаме луѓето да го почувствуваат тоа. Бродовите ќе поминуваат покрај иконските знаменитости на Париз, Богородичната црква, музеите „Орсеј“ и „Лувр“, Понт Неф, најстариот мост во Париз, мостот „Александар Трети“, Големата палата, Ајфеловата кула итн. Првпат луѓето ќе имаат бесплатен пристап до церемонијата на отворањето. Милијарда луѓе ќе ја гледаат церемонијата. Сакаме тие да го чувствуваат најдобро од Франција. Тоа ќе биде уникатна комбинација на спортски и на културен момент, со целиот град претворен во огромен олимписки стадион – изјави Тони Естонге (43), шеф на Организацискиот комитет, освојувач на три златни олимписки медали во кану Ц-1, на Игрите во Сиднеј во 2000 година, во Атина во 2004-та и во Лондон во 2012 година.
Долниот дел од брегот на реката ќе биде пристапен за оние со билети, на горните делови ќе биде бесплатно, а по должината на трасата ќе бидат поставени и 80 џиновски екрани. Церемонијата на затворањето на Игрите треба да се одржи во градините и покрај фонтаните на плоштадот „Трокадеро“, со поглед на Ајфеловата кула.
„На реката Сена, најспектакуларната и најпристапна церемонија на отворање во историјата на Олимпијадата. Отворено за сите, отворено за вас!“, напишаа организаторите на Игрите на својот твитер-профил.