Јапонката Наоми Осака и Американската Џенифер Брејди ќе играат во финалето на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен.

Oсака во полуфиналето ја победи Серена Вилијамс во два сета (6-3, 6-4), додека Брејди беше подобра од чешката тенисерка Каролина Мухова во три сета (6-4, 3-6 и 6-4).

Серена Вилијамс остана без можност да се бори за 24-от гранслем трофеј во кариерата. Tаа во солзи ја напушти прес-конференцијата по мечот со Осака.

На Вилијамс и недостига еден гранслем-трофеј за да го израмни рекордот на Маргарет Корт. Прашање е дали ќе успее во тоа, бидејќи има 39 години и се поблиску е крајот на нејзината кариера.

По завршувањето на мечот, таа долго време остана на теренот. Се поздравуваше со публиката, три пати се поклони пред трибините на арената „Род Лејвер“ и потоа замина во соблекувалната.

Логично, на прес-конференцијата, новинарите ја прашаа дали ова беше нејзиниот последен меч во Мелбурн. Таа го сокри одговорот но не и солзите. Прес-конференцијата траеше помалку од четири минути.

– На никого нема да му кажам кога ќе се простам со тенисот – кажа Вилијамс.