Ќе го надминеме ширењето на инфекцијата: Шинзо Абе

Премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, изјави дека Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио ќе се одржат како што беше планирано, во јули и во август, и покрај загриженоста од ширењето на коронавирусот што резултира со одложување на голем број спортски настани. Абе додаде и дека Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ќе ја донесе конечната одлука за одржувањето на Игрите во Токио летово.
– Ќе го надминеме ширењето на инфекцијата и ќе бидеме домаќини на Игрите без проблем, како што е планирано – изјави Абе.
Јапонија има повеќе од 1.400 инфицирани, со 28 смртни случаи како последица од коронавирусот.

Игрите во Токио би требало да чинат околу 11,30 милијарди евра, соопштија организаторите во декември лани.
Носењето на олимпискиот факел низ Јапонија треба да започне во Фукушима, на 26 март. Неодамнешната церемонија за палењето на факелот во античка Олимпија се одржа без гледачи, по што беше суспендирано натамошното носење на факелот низ Грција за да се избегне собирање на поголеми групи луѓе.
– Ние преземаме темелни мерки за превенирање на коронавирусот при носењето на факелот во нашата земја – рече гувернерот на Токио, Јурико Коике.