Јапонскиот дизајнер Токујин Јошиока ги откри деталите за олимпискиот факел за Игрите во Токио годинава. „Главата“ на розово-златниот факел долг 71 сантиметар се отвора во пет дела и личи на ливчиња на цветот сакура (цреша), националниот цвет на Јапонија.

Јошиока користел техника на истиснување на алуминиумот за да го направи факелот. Тој вели дека тоа овозможува тој да биде силен и лесен, и „да биде беспрекорно парче, слично на скулптура“.

– Тоа не е површен украс што создава прекрасен дизајн, клучот е секогаш убава структура – вели Јошиока.

Јошиока вели дека почнал со работа на дизајнот на факелот веднаш штом Токио ја добил организацијата на Игрите, пред да биде распишан конкурсот. Олимпискиот оган кон Токио треба да тргне од Грција на 12 март, а во Јапонија треба да пристигне на 20 март.