Во Струга и Охрид се одржаа јубилејните 30. Спортски игри на лицата со телесен инвалидитет на Македонија, во организација на Мобилност Македонија и на Македонскиот параолимписки комитет (ПМОК).

Најзначаен спортски резултат постигна „златната“ параолимпијка од Лондон 2012-та, Оливера Наковска-Бикова, која во дисципината воздушен пиштол „испука“ 571 круг, што е за еден круг подобро од нејзиниот актуелен светски рекорд забележан во мај годинава. Останатите шампиони во стрелаштво, во дисциплината воздушна пушка се Небојша Пејоски од Струга во машка и Елизабета Тодоровска од Куманово во женска конкуренција.

Во пинг- понг првите места ги освоија: класа 3-5, Васил Росомански од Кавадарци, класа 6-8, Рубинчо Ристески од Прилеп, класа 9-10, Страшко Коцевски од Куманово и Лилјана Мицовска од Кочани. На меѓународниот турнир во пинг- понг првите места ги освоија: класа 2-5, Дамир Вуковиќ од Хрватска, класа 6-8, Јордан Митев од Бугарија, класа 9-10, Илија Томиќ од Хрватска и класа 6-10, жени Милијана Ќирковиќ од Црна Гора.

Во атлетскиот повеќебој најдобра беше „златната“ параолимпијка од Бугарија, Иванка Колева, која убедливо го освои првото место, класи Ф54-Ф57. Во истата класа кај мажите доминираше Гоце Миновски од Скопје. Во класите Ф36-Ф46 и општа, кај жените триумфираше Силвана Трајковска од Скопје, а кај мажите Никола Пеев од Гевгелија.

На Игрите кои се одржаа под мотото „Променете ја својата свест –Спорт за сите“, настапија 116 спортисти со телесен инвалидитет од шест земји: Македонија (95), Словенија (3), Хрватска (6), БиХ (4), Црна Гора (3) и Бугарија (5), во стрелаштво, пинг понг и атлетика. Гостин на манифестацијата беше претседателот на Бугарскиот параолимписки комитет, Илија Лалов.

За време на Игрите беше одржана и едукативна работилница на која беа презентирани заклучоците од спроведениот проект, ко-финансиран од Ерасмус спортската програма на Европската Унија (ЕУ).