Светската антидопинг-агенција (ВАДА) ѝ забрани на Русија четири години да настапува на најголемите светски спортски настани. Во светот на спортот, таквата одлука одекна како „атомска бомба“, а во јавноста донесе спротивставени впечатоци и анализи. ВАДА посочува дека допингот е производ на сложената мрежа на моќ, политика и на спорт во една земја, не само во Русија, и оти допингот не е само руски проблем. Употребата на забранети супстанции е глобален проблем, кој влијае врз многу спортови. Ако е така и ако допингот е глобален проблем, чии носители се индивидуалци, тогаш зошто токму тие поединци не бидат предмет на санкции, без разлика од која држава доаѓаат и во кој спорт. Зошто тогаш таква генерализација проследена со одлука во која „покрај сувото, гори и суровото“? Постојат еден куп спортисти и од Русија и од САД, од Кина итн., кои не се допингуваат. Но постојат и оние што се од другата страна, кои треба ригорозно да се санкционираат. Па, каде е правдата? Овој пат таа не е на страната на спортот и спортските натпревари

Ласте Димитриевски
Гоце Илковски

Светската антидопинг-агенција (ВАДА) ѝ забрани на Русија четири години да настапува на најголемите светски спортски настани, вклучувајќи ги Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година и Светското првенство (СП) во фудбал во 2022 година во Катар, поради, како што вели, „манипулациите со допинг-податоци“. ВАДА верува дека постои државно спонзориран допинг-систем. Исклучок за руските спортисти ќе може да има за ЛОИ 2020 и на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг во 2022 година, но само како „неутралци“ што дале докази што ги побиваат индициите на ВАДА дека „не се дел од државен систем на допингување“. Учеството на Русија на завршниот турнир на ЕП 2020 во фудбал, на кое Санкт Петербург ќе биде домаќин на четири натпревари, не е доведено во прашање, бидејќи фудбалското ЕП не е дефинирано како „големо натпреварување“.

СВЕТСКИ ПРОБЛЕМ

Допингот е светски проблем и речиси е невозможно да се дознае вистинската застапеност во спортот. Грубата процена на познавачите е дека од 15 до 40 отсто спортисти намерно користат супстанции за подобрување на способностите. Оттука, тие сметаат дека спортистите што се фатени се само врвот од ледениот брег, а проблемот лежи многу подлабоко. ВАДА посочува дека допингот е производ на сложената мрежа на моќ, политика и на спорт во една земја, не само во Русија, и оти допингот не е само руски проблем. Употребата на забранети супстанции е глобален проблем што влијае врз многу спортови.
Спортистите барале начини да ги подобрат своите способности уште од зачетоците на спортските натпреварувања. Во модерното време, оние што сакаат да мамат и со тоа да бидат во предност, користат разни лекови и препарати, што е спротивно на едно од главните начела на олимпизмот, не да се победи по секоја цена, туку да постои здрава конкуренција. Една анонимна анкета објавена во „Спортска медицина“ во јануари 2018 година, спроведена за време на два меѓународни натпревара во атлетика, открила дека многу повеќе спортисти признале оти се допингуваат отколку што биле откриени. Едно истражување објавено во списанието „Спорт илустрејтид“ покажало дека 95 отсто од спортистите биле подготвени да користат забранети супстанции за да победат. Истото истражување покажало дека 50 отсто од спортистите биле подготвени да ги консумираат супстанциите и до пет години само за да победат, по цена и да умрат потоа. Ова покажува дека спортистите се подготвени да ги поминат сите граници за да победат.
Во текот на минатата деценија, повеќе од 200 спортисти паднаа на антидопинг-тестови на ЛОИ. Во некои други спортови има помалку случаи поврзани со допинг. Последен пат допингуван фудбалер беше откриен на СП 1994 во САД, Диего Марадона, најголемата ѕвезда на Аргентина. Пред СП 2018 секој фудбалер беше тестиран од ФИФА, која собра 2.761 примерок, а само еден играч не го помина тестот, Паоло Гереро, капитенот на Перу, кој беше позитивен на кокаин, но, сепак, му беше дозволено да игра!
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) почна со допинг-контрола од ЛОИ 1968 во Мексико, а сѐ почна со формирањето лекарска комисија во 1961 година и смртта на данскиот велосипедист Кнуд Енемарк Јенсен на ЛОИ 1960 во Рим, откако по аутопсијата било утврдено дека користел амфетамин. Во 1998 година на Тур де Франс на големо се користел еритропоетин, меѓу многуте други забранети супстанции. Следната година, за време на Светската конференција за допинг и спорт, се формира ВАДА, за стандардизирање на програмата за контрола на допингот.
Актуелниот случај со Русија веројатно е прв за суспензија на една земја, откако во минатото повеќе истакнати спортисти беа вмешани во контроверзии и беа суспендирани поради користењето недозволени супстанции.

Дали ВАДА ја прекрши олимписката повелба?

Руските спортисти се во шок. „Немам зборови… Како можете на ваков начин да ги игнорирате спортистите што се подготвувале цел живот за ова? За жал, ова е политика, не ми мириса на никаков спорт тука“, изјави Асланбек Хуштов, кој освои златен медал во борење на ЛОИ 2008 во Пекинг.
Хокеарската ѕвезда Алекс Овечкин беше во слично расположение.
– Ова е жална вест. Се чувствувам лошо поради луѓето што работат толку напорно за такви моменти, а не можат да бидат таму. Се надевам дека сѐ ќе биде добро. Има уште многу време до Игрите во Пекинг за да се договориме што ќе правиме – рече Овечкин.
Претседателите на неколку руски национални спортски федерации рекоа дека се подготвуваат да ги испратат спортистите на ЛОИ 2020 под неутрално знаме.
– Спортистите мора да одат во Токио, без оглед на ситуацијата. Секако дека претпочитаме нашите спортисти да настапат под руското знаме и да ја слушнат национална химна. Но околностите може да бидат различни, никој нема право да ги лиши невините спортисти од нивните соништа – изјави првиот човек на Федерацијата за пливање во Русија, Владимир Салников.
– Политичкиот елемент тука не може да се одрече. ВАДА, како и многу други меѓународни организации, е пристрасна во корист на нејзините западни членки. Натпреварувањето под неутрално знаме е „многу мала утеха“. Дури и за време на Студената војна, повеќето земји ја почитувале спортската арена како неутрална, каде што политиката нема место да го измести сето тоа – вели аналитичарот за глобални настани Патрик Хенинген.
Рускиот претседател Владимир Путин, како политичар, ја квалификува одлуката на ВАДА како „политички мотивирана“, додавајќи дека ѝ „противречи“ на олимписката повелба. Путин истакна дека заклучоците на ВАДА не содржат поплаки упатени до националниот олимписки комитет на Русија.
– Доколку нема поплаки, земјата треба да се натпреварува под националното знаме. Тоа е напишано во олимписката повелба. Тоа значи дека, во тој аспект, одлуката на ВАДА ја прекрши олимписката повелба. Имаме полно право на жалба. Секоја казна треба да биде индивидуална и треба да биде поврзана со она што е сторено од една или од друга личност. Казната не може да биде колективна и да се однесува на луѓе што немаат никаква врска со одредени прекршувања. Ако некој донесе таква одлука за колективно казнување, мислам дека има основи да се претпостави дека таквите одлуки не се поради грижата за чистотата на меѓународниот спорт, туку се политички размислувања што немаат никаква врска со интересот на спортот или на олимпиското движење – изјави Путин.

Свиркачот што тврди дека постои државно спонзориран систем во Русија

Поранешниот шеф на Руската антидопинг-агенција (РУСАДА), Григориј Родченков, кој избега од Москва откако како „свиркач“ ја обелодени аферата со државниот допинг, ја поздрави забраната.
– Конечно, измамите, лагите и фалсификатите од огромни размери во целост се санкционирани – изјави Родченков.
Родченков живее во САД, во рамките на програмата за заштита на сведоци. Тој инсистираше постигнувањата на ЛОИ 2012 во Лондон и на ЗОИ 2014 во Сочи „да бидат проверени и преиспитани со најновите знаења и методи што се достапни“.
– Постои цела генерација чисти спортисти на кои болно им беа урнати соништата и ги загубија наградите поради руските измамници. Треба да преземеме најсилна акција за да ја вратиме правдата во спортот – вели Радченков.
Претседателот на ВАДА, Крег Риди, рече дека „рускиот допинг предолго го загрозуваше чистиот спорт“.
– На Русија ѝ беше дадена можност да ги среди работите во „својата куќа“ и повторно да се приклучи на глобалната антидопинг-заедница за доброто на своите спортисти и интегритетот на спортот. Но наместо тоа, таа избра да продолжи со својот став за измама и за негирање – вели Риди.
Тревис Тагарт, пак, извршниот директор на американската антидопинг-агенција (УСАДА), го обвини Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) дека „организирал пат оваа одлука да биде обжалена до САС, кој би се нашол во ситуација да изрече и помали казни, со помали последици“.
Во постојаната борба против допингот извршниот одбор на ИОК неодамна одобри буџет од пет милиони долари за 10-годишно складирање до 22.000 примероци собрани од спортистите пред ЛОИ 2020. Светскиот антидопинг-законик овозможува реанализа на примероците од спортистите во рок од 10 години од денот на собирањето. Методологиите за анализа се развиваат со времето, со што се овозможува зголемено откривање забранети супстанции.


Мозес: Политичари носат одлуки, гласот на спортистите не се слуша

Славниот американски атлетичар Едвин Мозес, повеќекратниот олимписки и светски шампион во дисциплината 400 метри со пречки, во изјава за „Дојче веле“ сагата ја нарече „срам“, тврдејќи дека Светската антидопинг-агенција (ВАДА) под сегашното раководство не се зазела за чистите спортисти.
– Политичарите ги донесуваат одлуките. Нема доволно вклучени спортисти што се независни и објективни. Гласот на спортистите, според мое мислење, не се слуша – изјави Мозес за „Дојче веле“.


Богоевски: Правилата и прописите мора да се почитуваат

Ние како Македонски олимписки комитет сме за почитување на правилата и на одлуките на Интернационалниот олимписки комитет, во случајот на ВАДА. На спортски план, секако дека е лошо да нема руски спортисти под националното знаме, на летни и на зимски олимписки игри, или на светски првенства. Не е исто кога се настапува под свое знаме и под неутрално, како своевремено македонските спортисти на ЛОИ 1992 во Барселона. Во вакви ситуации губи спортот, спортистите, љубителите на спортот генерално, но правилата постојат за да се почитуваат и тука не треба да има отстапки, вели Владимир Богоевски, спортски директор на Македонскиот олимписки комитет.