Не знам дали одлуката за одложување на квалификацискиот олимписки турнир во Париз е избрзана или не, но со оглед на актуелната состојба со ширењето на коронавирусот, беше очекувана. Оваа, како и одлуката за откажување на Европското првенство во Баку, не ни оди во прилог, оти нашиот најдобар каратист и потенцијален олимписки кандидат Емил Павлов беше во серија победи во престижната Премиер-лига, формата му беше во нагорна линија, а ја темпиравме токму за Париз, вели селекторот на македонската машка сениорска репрезентација во борби, Сашко Арсовски, по веста дека Светската карате-федерација (ВКФ), во содејство со Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), донесе одлука наместо од 8 до 10 мај во Париз, квалификацискиот турнир за ЛОИ да се одржи од 26 до 28 јуни.

Форматот на овој турнир и условите за учество на ЛОИ во Токио се непроменети, а се менува само крајниот датум за пријавување на каратистите по категории, кој сега е одложен до 4 јуни. Тоа значи дека целосно се менуваат првобитниот план и програма на македонските каратисти, предводени од нашиот најголем адут Павлов. Нивниот сегашен тренажен процес ќе биде фокусиран токму на новиот термин на одржување на квалификацискиот турнир.

– Во контакт сум со сите потенцијални кандидати што ќе настапат во Париз. Никако не смееме да дозволиме да падне нивната форма и затоа ќе продолжиме да се подготвуваме со истото темпо, но сега индивидуално, секој во својот клуб, поради новонастанатата ситуација со коронавирусот. Наше е да работиме на тој план, а како ќе се одвиваат работите понатаму не зависи од нас. Сепак, јас сум оптимист и верувам дека ЛОИ ќе се одржат, а Македонија ќе има еден, а можеби и повеќе претставници што ќе се борат на татамите во Токио – вели Арсовски.