Младата македонска одбојкарка, струмичанката Софија Ричлиева (18) во следните три сезони ќе настапува за Бешикташ, еден од најдобрите турски клубови, повеќекратен првак на таа земја. Бешикташ кој настапува во Првата лига на Турција, наречена и „Султан лига“, која се смета за најквалитетна во Европа, па и во светот, триумфираше во Балканскиот куп и сезонава ќе се натпреварува во Челинџ купот.

Покрај Ричлиева која игра на позицијата техничар или плејмејкер, една од најодговорните во тимот, Бешикташ за новата сезона се засили со уште три странски одбојкари, со по една од Украина, од Холандија и од Хрватска. Тоа е најава дека клупските амбиции сезонава, по ланското петто место, се пласман меѓу четирите најдобри екипи по регуларниот дел од првенството на Турција во кое настапуваат 12 екипи, и пласман во плеј-офот.

– Софија кариерата ја започна во Македонија макс од Струмица, таму тренираше и играше неколку сезони (од 2009 до 2012-та), а потоа настапуваше и во странски екипи, за Волеј Рома, Италија, и во турските Урду и Бујук Чекмеџе. Иако е релативно млада таа поседува солидно искуство, добро се покажа играјќи две години во Турција по што уследи и трансферот во Бешикташ. На нејзината плејмејкерска позиција во Бешикташ има уште две одбојкарки, но јас очекувам таа да добие добра минутажа на натпреварите и верувам оти ќе се покаже и докаже во најдобра светлина. Добра околност за неа е што одлично зборува турски и што лесно ќе може да комуницира со клупските колешки – вели нејзиниот прв тренер и татко, Кире Ричлиев, тренер на Струмица, повеќекратен првак на Македонија во одбојка и поранешен репрезентативец на Македонија Л.Д.