Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одбојкарската репрезентација на Македонија ја совлада фаворизираната Турција со 3-1 (25-19, 21-25, 25-23 и 25-18 по сетови) во последниот меч од квалификацискиот турнир одигран во Скопје, со што направи важен чекор кон пласман на Европското првенство годинава.

„Црвено-жолтите“ завршија на второто место во групата Ц, со ефект од три победи и еден пораз, откако претходно двапати беа подобри од БиХ (3-1 и 3-0 во сетови), а загубија во првиот дуел против Турција (1-3).

Турција заврши на првото место во групата со ист ефект како и Македонија, но со подобар сет количник од 10-4 наспроти 10-5.

Македонија ќе го чека исходот од останатите квалификациски групи за пласман на континенталниот шампионат, со што има добри изгледи да се најде меѓу петте второпласирани селекции со најдобар ефект, кои ќе обезбедат учество на ЕП 2021 заедно со победниците на седумте групи.