Со овој успех Нуров стана стипендист на АМС од светска категорија и во следните четири години ќе прима паричен надомест во износ од две просечни нето-плати исплатени минатата година во Македонија, рече директорот на АМС, Дарко Каевски

Тежок беше патот до бронзениот медал. Имав напорни борби со силни противници, но заслужено стигнав до медалот и посакуваната олимписка норма. Среќен сум што ќе настапам и на Летните олимписки игри во Токио, уште повеќе што ги бранам боите на Македонија. А во Токио се надевам дека ќе освојам медал и со тоа уште еднаш ќе ја израдувам македонската спортска јавност. Благодарност до Македонскиот олимписки комитет, Агенцијата за млади и за спорт, Федерацијата за боречки спортови, селекторот Љуљзим Вранези и сите други за поддршката што ми ја даваат, изјави македонскиот борач Магомедгаџи Нуров (категорија до 97 кг), на приемот во просториите на Агенцијата за млади и за спорт (АМС) по освоениот бронзен медал од Светското првенство во борење во слободен стил, кое викендов се одржа во Нур Сулатан (Казахстан).

Борењето е најтрофејниот македонски олимписки спорт, со по едно злато и сребро и три бронзи.

– Со овој успех Нуров стана стипендист на АМС од светска категорија и во следните четири години ќе прима паричен надомест во износ од две просечни нето-плати исплатени минатата година во Македонија. Истовремено овој успех ќе претставува и ветер во грбот и за другите македонски спортисти во повеќе спортови што настојуваат да остварат олимписка норма – рече директорот на АМС, Дарко Каевски. Г.И.