На ЛОИ 1920, капитенот на британскиот атлетски тим Ноел-Бејкер во трката на 1.500 метри освоил сребрен медал, а 39 години подоцна тој ја добил и Нобеловата награда за мир и со тоа стана единствениот со ваква колекција врвни признанија

Кога Филип Ноел-Бејкер (1889-1982) го освои второто место на Летните олимписки игри (ЛОИ) 1920 година во Антверпен (Белгија) во атлетската трка на 1.500 метри, Британецот стана еден од освојувачите на олимписки медал, признание на спортската извонредност. Но 39 години подоцна тој добил една друга вредна награда, Нобеловата награда за мир и со тоа стана единствениот досега со ваква колекција врвни признанија.

Ноел-Бејкер бил тркач на средни патеки (800 и 1.500 метри), но бил и фудбалер, гимнастичар, пливач и играч на крикет. Првиот настап на ЛОИ тој го имал во 1912 година во Стокхолм (Шведска). Тогаш го освоил шестото место во трката на 1.500 метри.
Осум години подоцна на ЛОИ 1920 година во Антверпен, капитенот на атлетскиот тим, Ноел-Бејкер, кој претходно учествувал во Првата светска војна и добил ордени за својот ангажман во амбулантната единица, бил знаменосец на дефилето на спортистите на отворањето на Игрите во Белгија.

Таму тој се тркал и на 800 метри, се пласирал во полуфиналето во кое не настапил, концентрирајќи се на трката на 1.500 метри, во која стигнал до среброто, зад сонародникот Алберт Хил, кој славел и во трката на 800 метри. Тој бил капитен на атлетскиот тим на Велика Британија и на ЛОИ 1924 година во Париз (Франција).
По извонредната аматерска спортската кариера, Ноел-Бејкер станал политичар, дипломат, академик и голем поборник на разоружувањето. По Првата светска војна му се приклучил на Министерството за надворешни работи на Велика Британија и бил активен во основањето на Лигата на нациите, работејќи како асистент на Британецот Ерик Драмонд, првиот генерален секретар на организацијата што ѝ претходеше на Организацијата на Обединетите нации, формирана по Втората светска војна, во чие основање, исто така, учествувал.

Во својот тогашен ангажман, Ноел-Бејкер тесно соработувал со секретаријатот на организацијата и му помагал на Фридтјоф Нансен, норвешки истражувач и хуманитарец, работел и со лордот Роберт Сесил и со Артур Хендерсон, сите добитници на Нобелова награда за мир.
Во тоа време тој станал член на британскиот парламент, напишал повеќе текстови на темата за разоружувањето и станал професор по меѓународни односи на лондонската школа за економија. По Втората светска војна, кога Нобеловата награда за мир одново почнала да се доделува, го номинирал државниот секретар на САД, Кордел Хал, кој, пак, е првиот повоен добитник на тоа признание, во 1945 година. За својата повеќегодишна активност, Ноел-Бејкер ја добил Нобеловата награда за мир во 1959 година.

Подоцна, останал во контакт со спортот, а, меѓу другото, беше предводник на британскиот олимписки тим во 1952 година, а во 1960 година стана претседател на Меѓународниот совет за спорт и физичка рекреација на УНЕСКО.